Четири години откако изгоре, новата градинка во Шуто Оризари спремна за прием на 160 дечиња

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека се прават последни технички подготовки за отпочнување со работа на градинката „8 април“ во Шуто Оризари која пред 4 години целосно изгоре во пожар.

Како што информираа од МТСП, градежните работи на градинката се речиси целосно завршени. Новиот објект е со простор од 1225 метри квадратни, и е целосно адаптиран за грижа на деца со попреченост. Објектот беше изграден со финансиска помош од Кралството Норвешка во износ од 35 милиони денари.

Во моментот градинката располага со капацитет за 160 деца, а со планираната втора фаза на изградба објектот треба да добие и јасли со капацитет за 90 деца.

„Навистина сум среќна што дечињата во Шуто Оризари добија современ објект во којшто ќе може интерактивно да се вклучуваат и сите заеднички да учат и да се развиваат. Бидејќи навистина е важно предучилишното образование да се започне што порано за децата понатаму да можат да добијат подобар старт за основно и средно образование. Општина Шуто Оризари имаше своја градинка но таа сите сме сведоци пред 4 години изгоре. Ние започнавме со изградба пред 2,5 години.  Благодарение на Норвешката амбасада којашто ги донираше средствата за иградба и УНДП којшто техничко го поддржуваа процесот на градба, МТСП целосно го финансираше опремувањето. Со тоа се докажа дека со заеднички сили навистина можме да добиеме објект којшто е современ и е според потребите на децата“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

„Партнерството со Владата на Северна Македонија е во повеќе општествени сегменти и со повеќе владини тела. Задоволство е да даде поддршка на еден ваков објект кој ќе овозможи инклузија на сите категории на граѓани“, истакна Герк Хакон Јохансен, Прв секретар на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград.

Новата градинка има влијание врз целокупната заедница, вклучително и во правец на поголема активација на невработените Роми на пазарот на трудот, особено кај жените. Проектот беше беше изработен заедно со Програмата за развој на Обединетите Нации и Општина Шуто Оризари.

„Новата градинка во Шуто Оризари е во духот на целите за одржлив развој и мотото „никој да не биде изоставен“. Објектот обезбедува побезбедна, поекономична, поинклузивна и потопла средина соодветна за сите деца. Делиме иста визија со Владата дека сите заслужуваат еднакви можности и услови за згрижување и квалитетно образование“, потенцираше Нарине Сахакијан, Постојана претстаничка на УНДП во државата.