Четири дена пантомима и физички театар на „Панфиз“

Љубителите на мимот, гегот и физичката ескпресија, од четврти до седми октомври ќе имаат можност да проследат четири уникатни претстави кои се дел од официјалната програма на седмото издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“. Фестивалот ќе се одржи во Универзалната сала во Скопје, а ќе биде отворен со претставата „Баскет ќес“, во изведба на атрактивната Иман Лизразу од САД. 

Четири дена пантомима и физички театар на „Панфиз“

Организаторот на „Панфиз“, актерот Трајче Ѓеорѓиев за „Лице в лице“ вели дека годинешното издание се реализира со скромни 200 илјади денари, кои според него се навистина малку за непречено одвивање на ваков фестивал.

„Секако дека и покрај сите објективни пречки со кои се соочуваме во текот на реализацијата, среќни сме што и оваа година, на публиката ќе можеме да ѝ понудиме исклучително квалитетни претстави од областа на пантомимата и физичкиот театар“, вели Ѓеорѓиев.

На програмата на фестивалот во недела е претставата Проклетството на Виктор и Викторија“, во режија на Војо Цветановски, а во изведба на познатиот пантомимичар Дарко Вељиќ и актерката Марија Бејкова. Третата фестивалска вечер (понеделник, 6 октомври) е резервирана за гостите од Велика Британија – „Невидливиот ансамбл“, кои ќе гостуваат со претставата „Месечев човек“, а последната вечер е посветена на Стефан Руксанда од Романија кој ќе ја раскаже својата „Приказна без зборови“.

„Ме радува фактот што фестивалот се одржува со подадена рака на голем број наши пријатели, како што е и ИТФ „Лица без маски“. Посакувам во наредните години со заеднички сили да работиме на создавање заедничка фестивалска програма со овој фестивал и сето тоа да биде впечатливо“, вели Снежана Коневска-Руси, организаторка на фестивалот „Панфиз“.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на големата сцена во Универзалната сала, додека останатите три претстави ќе се одржат на малата сцена. „Панфиз“ годинава се реализира во соработка со Независната продукција „Театар 007“ и Универзална сала во Скопје.

„„Театар 007“, со последното издание на ИТФ „Лица без маски“, покажа дека „Малата сцена“ на Универзална сала, каде работи нашиот театар, е простор во кој може да твори секоја независна продукција. Соработката со „Панфиз“ е продолжение на нашите напори, со здружени сили да создаваме квалитетна програма, на задоволство на сите љубители на театарот“, вели Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007“.

Организаторите известија и дека „Панфиз“ и овој пат, како и во претходните шест изданија, ќе додели награда за најдобра претстава, која оваа година е под покровителство на Антонија Цветанова и Росен Пацов од Бугарија.

Извор