Чешки студенти направија чаши што можат да се јадат за намалување на отпадот

Двајца студенти од главниот град на Чешка, Прага, создадоа чаши што можат да се јадат како уникатен начин да се помогне во спас на животната средина.

22-годишните Зузана Зверова и Мирослав Мирончук идејата ја добиле откако согледале колку е голем бројот на чаши за еднократна употреба кои се користат секојдневно.

„Овие чаши што можат да се јадат се производ кој ја прави нашата Планета подобро место за живот“, е пораката која стои на вебсајтот на двајцата млади иноватори.

По околу една година тестирање на правите состојки тие успеале да создадат рецепт со кој се прават чашите од тесто кое може да се јаде по искористувањето.

ФОТО: jedlykelimek.cz

„Размислувавме што е она што може да ги мотивира луѓето за да ја спасат планетата. Па сфативме дека многу луѓе сакаат бисквити со нивното кафе. Што може да биде подобра мотивација од храна?“, објаснува Зверова за локалниот интернет портал Новинки.

„Имавме многу тестирања и грешки и правевме разни комбинации од тестото во нашите домови. Се обидувавме со тесто за слатки, тесто за колачи, палачинки… сите можни варијанти. Потоа со поврзавме со Техничкиот институт во Чешка и Институтот за храна во Прага кои ни помогнаа во развојот на рецептот и машинеријата“, додава таа.

Едно од најоригиналните карактеристики на овие чаши е што можат да задржуваат топли напитоци. Мирончук вели дека чашите се направени и за ладни и за топли течности, додавајќи дека најдобро е чашите да се јадат во првите 45 минути, кога се свежо крцкави.

Тој исто така додава дека чашите можат да задржуваат топли пијалаци до 12 часа без никакви негативни ефекти. Чашите се вегански и се составени од природни состојки. Во моментов се произведуваат чаши со капацитет од 110 милилитри, но во иднина се подготвуваат и производи со поголем капацитет.

„Нашите чаши најмногу се користат во кафе-индустријата, но ги нудиме и на кетеринг компании каде има голема потрошувачка на производи за еднократна употреба“, вели Мирончук.

Парот иноватори првично планирале овие чаши да се користат на фестивали, но пандемијата во меѓувреме ја ставила во мирување оваа нивна идеја. Сепак чашите започнале да се користат во кафетерии низ Чешка. Цената на една чаша е околу 7 чешки круни, односно околу 16 денари.