Здружението на граѓани „Младите можат“ изработи нова дигитална платформа која ќе им помогне на граѓаните меѓусебно да ги споделуваат работите што уживаат да ги прават, притоа користејќи го времето, наместо пари, како ресурс.
„Концептот на дигиталната платформа, Временска Банка е многу едноставен: Трошите еден час време за да му помогнете или да споделите знаење со некој друг преку вештините што вие ги поседувате, а за возврат заработувате кредит од еден час која оди во вашата временска банка. Сега вие можете да го потрошите заработениот кредит од еден час за услуга што вас ќе ви е потребна и можете да ја добиете од еден час од нечие време“, велат од „Младите можат“.
Платформата функционира така што секој час се цени исто, без оглед на извршената услуга. Секој вид услуга може да се разменува за друга.
„На овој начин можеш да ги запознаеш твоите соседи подобро, да помогнеш на луѓе без разлика на нивната возраст, или економски статус“, велат од „Младите можат“.
На овој начин, сметаат од здружението, корисниците нема да бидат пасивни приматели на услуги, туку ќе можат да стекнат нови вештини, да градат нови врски и да учествуваат во социјална промена во својата заедница.
Дигиталната платформа chaszachas.mk е бесплатна и достапна за сите. Таа е изработена како дел од Креатонот на Фондот за иновација и технолошки развој.