Changemakers4all: Приватната фирма што изнајмуваше машини на Дошница се повлече

„Приватната фирма која изнајмуваше машини за изградба на хидроелектраната на реката Дошница се повлече.  Ова е доказ дека народниот отпор е посилен од секој профит. Им благодариме за свесноста и одлуката да не се стават на страната на уништувачите“, соопштија од Changemakers4all, една од иницијативите кои повеќе од еден месец, заедно со граѓани од цела Македонија, го блокираат пристапот до Дошница и го креваат гласот за спас на една од најчистите реки во земјата.

Сепак, нагласуваат тие, битката не е завршена.

„Сега гледаме право во очи на ЈЕС ДООЕЛ – Хидро Дошница: Повлечете се, или народот ќе ве повлече! Властите – ако имате грам чест и достоинство, веднаш поништете ја оваа срамна дозвола!“, порачуваат од граѓанската иницијатива.

Од таму потенцираат дека државата не е приватна играчка, реките не се стока, а народот не е робје.

„Ние не се тргнуваме, ниту отстапуваме. Ќе стоиме до крај, со глас, со тело и со срце! Ова е нашата земја, ова е нашата вода, ова е нашата победа што доаѓа!“, стои во соопштението на иницијативата.

Инаку, по повеќе од еден месец одбрана на реката, изминатиов викенд кај Смрдлива вода се одржа „Протестфест“, чие мото беше „Заедно за последните капки чиста вода“. Граѓаните заедно слушаа музика, учествуваа во работилници, дискусии, детска програма, отворен базар и планинарски акции, се’ во знак на заедништво и протест против изградбата на две мали хидроцентрали на Дошница.

„Питката вода е ограничена, не е бесконечна, и без неа нема живот! А институциите се расфрлаат со нашите последни, недопрени, чисти извори на питка вода како да нема утре“, рекоа граѓаните пред „Протестфест“.