ЦГК: Во двете кризни години, државните институции купиле 142 нови возила

Во двете кризни години, државните институции купиле 142 нови возила за кои платиле 3,6 милиони евра, од кои најскапото возило чинело 47.000 евра, покажува ново истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Истражувањето, кое го опфаќа периодот од март 2020 година до денес, покажува дека 42 државни институции набавиле возила.

„Најмногу патнички возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи на Владата, која доскорешните „Пасати“ ги замени со 45 нови „Шкода Суперб Амбишн“. Кога станува збор за конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила, таа и натаму опаѓа односно дури на 83 % од тендерите имало само по една понуда“, соопштија од ЦГК.

Анализата се однесува само за патничките возила, а не и за комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила. Од ЦГК посочуваат дека повеќе од 40 % од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра.

„Трите најскапо платени возила се „Шкода Суперб ФЛ“ од 47 илјади евра и „Мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра – и двете на Државата видеолотарија, а на трето место е „Хјундаи Сонада“ на Агенцијата за електронски комуникации по цена од 43 илјади евра. Меѓу марките возила, се чини дека и натаму омилена марка на функционерите е „Шкода“ која со 60 возила води на листата, како и претходните години. Долгогодишното второ место на „Фолксваген“ му го презема „Фиат“ од кој се набавени 25 возила, а на трето место со 13 возила сега е „Ситроен“, се вели во истражувањето на ЦГК.

Од Центарот нагласуваат дека меѓу фирмите, најголема вредност на договорите и овој пат има „Порше лизинг“ со скоро 2 милиони евра, „МИ-ДА Гранд Моторс“ со речиси 300 илјади евра и „Аутомобиле-СК“ со 274 илјади евра.

Инаку, ова е трето вакво истражување на набавените нови возила на институциите. Првото се однесуваше за 2013, 2014 и 2015 година кога државните институции набавиле 323 возила. За овие возила тогаш биле потрошени 5,3 милиони евра. Второто се однесуваше за периодот 2018-2020 година, до почетокот на кризата, кога беа набавени 392 возила за 8,1 милион евра.

Истражувањето е спроведено врз основа на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки и директно од државните институции.