Центарот за размена на музички иновации (HEMI) отвора конкурс за соло музичари и бендови

HEMI“ –  Центар за размена на музички иновации, отвора конкурс за бендови и соло артисти постари од 18 години, кои живеат во Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Северна Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.

Крајниот рок за аплицирање е 23 декември. Аплицирањето на конкурсот е бесплатно и отворено за секој музички жанр. За пријавување потребно е да се пополни апликацијата.

„Биди дел од годишната програма за музички таленти со која можеш да добиеш персонализирана поддршка од страна на професионалци од меѓународната музичка индустрија, заедно со активности за вмрежување и турнеи кои ќе ти помогнат да ги пробиеш границите на Македонија и можност да освоиш нова публика на 10-те водечки музички конференции и фестивали низ цела Европа“, се вели во конкурсот.

HEMI MUSIC AWARDS (HMA) е нова програма, наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво. HMA е организирана од HEMI – Центар за размена на музички иновации, европска иницијатива која има за цел поддршка на изведувачи и професионалци во музичкиот бизнис од неколку земји од Европа.

Изборот ќе го врши меѓународно жири составено од 27 експерти, вклучувајќи организатори на фестивали, промотори и продуценти, менаџери на музички експорт бироа и клубови, и музички новинари. Избраните таленти ќе бидат промовирани од страна на 18 медиумски партнери од 9-те земји кои го сочинуваат HEMI.

Центарот за размена на музички иновации (HEMI) е иницијатива на 10 музички организации од Централна и Југоисточна Европа (CSEE), кофинансирана од програмата Креативна Европа на Европската Унија и е со времетраење од 4 години (2020-23).

Партнерството вклучува јавни и приватни организации, здруженија, организатори на фестивали и конференции, музички експорт бироа и училиште за музички бизнис. Визијата на HEMI е да создаде одржлив „Музички центар“, чија цел е развој на иновативни деловни модели, ко-продукција и ко-промоција на нови настани/производи, создавање на инкубатор за музички професионалци и поддршка на уметници за задоволување на тековните потреби на пазарот.

HEMI MUSIC AWARDS 2021 се состои од програмски пакети кои содржат бројни активности составени од едукација и практичен дел, а вклучуваат персонализирани консултации, експорт пакети, вмрежување со професионалци од европската музичка индустрија, поддршка при промоција и организација на турнеја.