Центар за културно наследство: Противзаконски се кривичните пријави за боење на „Скопје 2014“

Кривичните пријави против демонстрантите кои во изминативе осум седмици ги боеја објектите од „Скопје 2014“ се против Законот за заштита на културно наследство, информира претседателката на Центарот за културно наследство д-р Донка Барџиева Трајковска.

Главната причина која се наведува во кривичните пријави е токму „нанесување штета на објекти кои се прогласени за културно наследство“, но според Барџиева Трајковска, ова е спорно бидејќи зградите како на Министерството за култура и Порта Македонија немаат табла, поставена на видно место која го потврдува тоа.

„Означувањето на културното наследство, кое е задолжително, не е направено во предвидениот рок и заради тоа е казниво по Закон“, вели претседателката на Центарот за културно наследство, посочувајќи ги член 48 и член 174 од Законот, во кои стои дека за ваква грешка правно лице може да добие казна од 50 000 до 150 000 денари.

Во случајов, одговорност треба да сноси надлежната установа НУ-Конзерваторски центар,Скопје и Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, вели Барџиева Трајковска, бидејќи четири години откако се прогласени објектите од „Скопје 2014“ како културно наследство, тие не се означени.

„Во оваа прилика ја информираме јавноста дека Министерството за култура направило уште едно прекршочно дело затоа што не формирало Комисија да изврши увид и проценка на направената штета. Наместо тоа, на споменик на култура ангажирало нестручни лица да ја исчистат фасадата на зградата на Министерство за култура без почитување на со Закон пропишаната процедура. Уште полошо е што на Порта Македонија обични, неквалификувани граѓанки самоволно започнале ,,процес на конзервација,, односно чистење на објектот, со што повторно е прекршен Законот за заштита на културно наследство“, вели претседателката на Центарот.

За вакви акции на „чистење“, според претседателката, е надлежен НУ Конзерваторски центар ,Скопје, кој досега, вели таа, требаше да изврши увид и да изработи Предлог за санација на оштетувањата и да обезбеди Конзерваторско одобренеие.

„Бидејќи тоа не е направено ,Министерството уште еднаш потврди дека Законот не важи за партијата која е на власт и во вакви случаи може да се однесува според лична/партиска проценка.За оваа повреда ,во Законот исто така се предвидени казни,кои треба да се применат против актуелната министерка за култура и директорката на надлежната институција за заштита“, се вели во реакцијата на Барџиева Трајковска.

Центарот за културно наследство ги повикува надлежните институции да поднесат кривични пријави против оние кои реално направиле повреда на Законот доведувајќи ги во заблуда граѓаните.