Центар за граѓански комуникации: МОН и МВР „минимално“ транспарентни при јавните набавки

Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи се најлошо рангирани институции во однос на исполнувањето на критериумите за транспарентност, отчетност и интегритет во целиот циклус на јавните набавки . Од Центарот за граѓански комуникации истражуваа колку се транспарентни јавните набавки кај министерствата, владините секретаријати и Собранието на РМ.

Просечното ниво на исполнување на критериумите за транспарентност, отчетност и интегритет во целиот циклус на јавните набавки е 53,6% (од максимално можни 100%) и во однос на лани (51,7%) има само мало подобрување. Најдобро рангирани се оние институции што трошеле најмалку пари.

Во зависност од остварените резултати, институциите можат да бидат рангирани во пет групи, и тоа ’оскудно‘ (0-20%), ’минимално‘ (20-40%), ’ограничено‘ (40-60%), ’солидно‘ (60-80%) и ’високо‘ (80-100%) ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки. Сите анализирани институции се наоѓаат во трите средни нивоа на рангирање. Ниту една институција не е рангирана во најдоброто, ’високо‘ ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, ниту пак во најслабото, ’оскудно‘ ниво. Најмногу институции се рангирани во ’ограниченото‘ ниво, со исполнување на критериумите меѓу 40% и 60%, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.

графикон1

Вкупниот обем на склучените договори за јавни набавки на анализираните 21  институција во 2017 година изнесува 72 милиони евра, што е 12% од вкупната вредност на јавните набавки во земјава. Овие институции склучиле вкупно 1363 договори за јавни набавки во 2017 година. Во однос на претходната година, вредноста на набавките на анализираните институции е намалена дури за 98 милиони евра, односно од 170 на 72 милиони евра. Намален е и бројот на договори, и тоа за 460, односно од 1823 во 2016 година на 1363 договори во 2017 година.

Најголем обем на набавки во 2017 година има Министерството за образование и наука, чии набавки опфаќаат 20% од сите набавки на рангираните институции. Од друга страна, дури 9 институции имаат удел од помалку од 1% во вкупните набавки на опфатените институции. Најмал удел меѓу нив, од само 0,013%, има Секретаријатот за законодавство, со склучени договори само за 9486 евра.

 Од Центарот укажуваат дека ниту една институција нема методологија, упатство или сл. документ врз чија основа се пресметува проценетата вредност на набавките. Притоа е утврдено дека само две институции ги објавуваат на своите веб-страници огласите за јавните набавки, известувањата за склучените договори, како и самите договори и нивните анекси, додека ниту една не објавила известување за реализиран договор за јавни набавки.

Забележуваат дека во 2018 година расте бројот на тендери со поразумни рокови за прибирање понуди од законски минималните, а на дури една третина од набавките имало само една понуда. Речиси една третина од тендерските документации на анализираните институции содржат дискриминаторски елементи што можат да ја ограничат конкуренцијата. Секој четврти тендер на анализираните институции бил поништен, а процентот на целосно или делумно поништени тендери кај одделни институции се движи од 0% до 77%.

Повеќе од половина од институциите ја користеле постапката со преговарање без објавување оглас. Ваквите договори учествуваат со 7% во вкупната вредност на договорите на институциите.

Поаѓајќи од потребата да се зголеми ефикасноста и да се намалат ризиците од корупција во јавните набавки во Македонија, Центарот за граѓански комуникации врши континуиран длабински мониторинг на начинот на спроведување на јавните набавки од 2009 година наваму, оценувајќи ги состојбите, детектирајќи ги слабостите и предлагајќи конкретни мерки за законски и измени во практиката насочени кон намалување на просторот за корупција и унапредување на начинот на којшто се спроведуваат јавните набавки во земјава.