Новоформираниот Центар за филм-Битола, чии основачи се Димитар Николов-Таки, Владимир Симоновски, Александар Стојановски, Сашо Миленковски и Петар Трајчевски, аплицирал на јавниот повик на Агенцијата за филм на Република Македонија и е еден од двата апликанти, покрај Друштвото на филмските работници на Македонија, кои доставиле програма за организирање на ИФФК „Браќа Манаки“.
Tие велат дека легитимно се пријавиле на конкурсот и нема никаков спор, затоа што никој го нема заштитено ексклузивното право на организација.
„Фестивалот досега го организираше Друштвото на филмски работници на Македонија, здружение на граѓани како и нашето. За фестивалот не постои основачки акт, а ова друштво се нема потрудено сиве овие години да го заштити брендот, да го заштити логото, да го заштити фестивалот. Тие немаат заштитено ниту еден елемент со кој можат да кажат дека полагаат ексклузивно право за организација на фестивалот. Единственото нешто што ова здружение го направило и аплицирало за средства досега, било дека организацијата на фестивалот ја ставиле во својот статут и имаат правилник за работа на истиот. Е, сега, во својот статут организацијата на овој фестивал ја има и здружението ‘Центар за филм’ – Битола, а има и правилник за фестивалот“, соопштуваат од „Центарот за филм“.
Според нив, Фестивалот не е регистриран во Централен регистар како посебен субјект, а директорот на фестивалот исто така не е регистриран во Централниот регистар и покрај тоа што е одговорен за вкупниот буџет на фестивалот кој е околу 300 000 евра.
Од Центарот велат дека ДФРМ веќе не се единствени легитимни претставници на филмската фела во Република Македонија, затоа што во меѓувреме се основале и други слични здруженија, како реакција на фактот дека Друштвото на филмски работници не направиле ништо, филмските професионалци во Македонија да се заштитени или да има правила во работењето на оваа индустрија.
Тие велат дека нивното здружение настанало како иницијатива на група граѓани кои живеат, работат и творат во градот Битола.
„Ние решивме да повлечеме прв чекор и да помогнеме да се анимираат што повеќе наши сограѓани за да покажеме дека Битола и битолчани треба и мора да учествуваат во реализација на проекти кои се нивни и кои се симбол на културата во овој град. Ние сакаме несебично и волонтерски да помогнеме да се подигне нивото на културата и да придонесеме, битолчани да бидат дел од своите културни активности. Ние сакаме, граѓаните на Битола, да не сме само декор и инструмент во нечии раце, туку да сме активни субјекти кои ги реализираат своите проекти и кои носат решенија за развој на истите“, велат од Центарот.
Според нив, потребата за да се формира вакво здружение затоа што може да помогнат и да го направат фестивалот и сите филмски активности во градот поуспешни.
„Треба да е чест и мотив повеќе да се работи на подобар фестивал, а не да се следат само интереси на одредена група луѓе. Особено што фестивалот е пред се на граѓаните на Македонија и на еден куп ентузијасти и вљубеници во филмот, кои се вградиле во него. Треба на сите тој да ни е поважен од нашите суети, дневната политика или од хонорарите кои некој ги зема за неговата организација“, стои во нивното соопштение.
Тие велат дека оваа граѓанска иницијатива нема врска со дневната политика.
„Фестивалот лани имаше катастрофално издание. Ние како иницијатива сакаме да повлечеме што поголем број граѓани на Битола да се вклучат и да покажат дека можат самите да учествуваат и реализираат подобар фестивал. Нема битолчанец, а и поинтелигентен поединец во Републиката кој не е свесен дека фестивалот е сериозно културно богатство и наследство, а не играчка некој да профитира и да го остава да тлее во 19 век. Не одбиваме да соработуваме со сите субјекти – поединци и здруженија, кои сакаат фестивалот да расте и да напредува, да е платформа на нови идеи и да се развива и во корист на градот Битола. Не очекуваме никој да не поддржи. Ние само сакаме да отвориме дискусија за некои состојби и да поттикнеме решенија за истите“, се вели во соопштението.