Центар-Јадро отвори повик за партиципативен уметнички проект

КСП Центар-Јадро распишаа отворен повик за реализација на партиципативен уметнички проект чија реализација ќе биде во периодот март-август 2021 година.

Од Центар-Јадро велат дека уште од почетокот на втората половина на 20-от век уметниците ги избришаа границите што постоеа меѓу нив, нивната работа и публиката.

По движењето Fluxus, хепенинзите и т.н. „Релациона естетика“ од деведесеттите години, визуелната уметност и секојдневниот живот станаа толку тесно испреплетени, што понекогаш е тешко да се разликуваат.

„Тоа што ја издвојува партиципативната уметност од другите видови на уметничка пракса е дека партиципативните уметнички дела овозможуваат заедничка сопственост на процесите на донесување одлуки (кај уметникот и публиката) и често имаат за цел да генерираат дијалог, социјален активизам и мобилизација на заедницата. Процесот на партиципативна уметност вклучува демократски пристап кон создавањето уметност и поканува за учество во создавањето на пораката, наместо наметнување елитни пораки до „пасивната“ публика. Како такви, суштинскaта демократска и егалитарна структура на партиципативната уметност може да ги зајакне целите или политичките мотивации на движењата како и создавањето на нови креативни заедници“, стои во повикот.

КСП Центар-Јадро го распишува овој отворен повик за реализација на партиципативен уметнички проект со цел да ја поттикне продукцијата на овој вид на уметничка пракса кај нас.

„За таа цел обезбедуваме буџет за реализација на проектот, авторски хонорар за избраниот уметник, менторство од страна на куратор, реализација на изложба во КСП Центар-Јадро на почетокот на август како и издавање на публикација“, се вели во повикот.

Право на учество имаат сите автори и резидентни жители од Р. Северна Македонија.

Сите заинтересирани автори треба да поднесат:

-Предлог концепт во Word или PDF
-Портфолио – не поголемо од 20 страни во PDF формат (максимална големина 5MB)
и
-Наративно CV
на адресата centarjadro@gmail.comнајдоцна до 5 март 2021 година.

Резултатите за селектираниот проект ќе бидат објавени на 15 март, 2021 година.