Цената на создавање добра Инстаграм фотографија во Нов Зеланд

Сте ја виделе сликата на социјалните медиуми, кога се пешачи со километри, се искачува по планини и конечно се стигнува до совршено изолираното место – на кое всушност има редица луѓе кои чекаат да ја направат истата фотографија?

Сликата на луѓето што чекаат ред за да се фотографираат на врвот Рој, во Ванака, Нов Зеланд, стана многу популарна на „Редит”, каде што доби повеќе од 75.000 прегледи за 24 часа.

Портпаролката на Одделот за конзервација на Нов Зеланд изјави дека бројот на посетители се зголемил за 12% на 73.000 помеѓу 2016 и 2018 година, бидејќи местото станало „икона за регионот Ванака поради социјалните медиуми”.

Сепак, таа додава дека чекањето во редицата на врвот за да се направи совршената фотографија не е задолжително, иако многумина го прават тоа.

Корисникот на веб-страницата „Трип Адвајзор“, пак ќе напише: „Врвот Рој е еден од најчесто фотографирани места на Инстаграм во Нов Зеланд. Па, затоа има многу луѓе кои сакаат да ја добијат посакуваната фотографија. Тешко беше да се направи фотографија без неколку странци на неа, и е непријатно кога се прави слика со толку голема публика “.

Одделот за конзервација ги советува посетителите да внимаваат на дивиот свет во областа, да се правилно подготвени за искачувањето на врвот , посебно при промена на временските услови. Врвот на Рој е на надморска висина од 1578 метри.

Многу луѓе ги критикуваа фотографиите, велејќи дека тоа е “тажен” свет каде фотографирањето е поважно од само уживање во прекрасниот поглед.

„Овци, леминзи и зомби, целото општество се лизга во само-апсорбирачката нарцисоидната мрежа”, пишува корисник на Твитер.

„Ова навистина ме вознемирува. Што не е во ред со овие луѓе? Ако стигнам до крајот, до овој врв, само ќе гледам, ќе заплачам, и ќе бидам благодарна што ја видов оваа убавина“, пишува корисничка на Твитер.