Целодневна донаторска забава во „Излет“ за казна изречена како притисок од власта

Утре (среда) од 13 часот, па се до ноќта, во кафе бар „Излет“ повторно ќе се собираат финансиски средства, овој пат за огромната казна која беше изречена кон сопственикот на овој локал. „Излет“ за кратко време стана еден вид на упориште за граѓаните од Шарената револуција, кое претходно беше и офарбано од страна на непознати лица.

„Овој пат притисоците кон локалот се далеку поголеми и посериозни. Откако сите инспекции не можеа ништо да најдат во локалот претходниве месеци, се случува следното: се работи за казна за наводен прекршок од пред повеќе од четири години, која досега неколку пати е побиена пред Управниот суд, но сега повторно е ефектуирана. Сметката на локалот е замрзната и прекршочната казна, изречена од трудова инспекција, е во височина од неверојатни 250 000 денари.  Повторно сме им потребни на нашите сограѓани и соборци. Не смееме да дозволиме да не’ поттиснат и да не’ обехрабрат. Само заедно сме посилни. Нема да му дозволиме на режимот да не’ тероризира!“, се вели во Фејсбук настанот за донарската забава.