Целодневен џез хепенинг утре пред платото на МКЦ

По повод Интернационалниот ден на џезот, пред платото на МКЦ утре (30 април) со почеток во 12 часот, за прв пат ќе се одржи манифестацијата под наслов Today it’s all about jazz! (Денес сѐ е џез!).

Станува збор за деветчасовен џез хепенинг со кој Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, се вклучува во мрежата на светски организации кои го одбележуваат овој ден за што има и официјална потврда од  Телониус монк институтот за џез. Манифестацијата е поддржана од Министерство за култура.

„Овој ден јубилејно се одбележува ширум светот почнувајќи од 2011 година па навака и ги слави ’придобивките на џез музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето’. Под ова мото ќе биде одржан овој хепенинг кој вклучува концертни настапи на повеќе џез состави од Македонија и интернационални џез музичари“, стои во најавата за настанот.

Еве ја целосната агенда од организаторите, почетоците за настапите и информармации за музичарите:

12:00ч. In Between – на само чекор од влегувањето во светот на професионалните џез музичари, студентите од џез одделот при “Универзитетот Гоце Делчев” од Штип ќе го имаат своето прво заедничко претставување пред пошироката публика.

13:00ч. Белучи Квартет – четворица господа, добро познати на џез сцената во Македонија, конечно решија да ги обединат своите сили во еден единствен состав. На едно место, во исто време: Кирил Кузманов (саксофон), Гордан Спасовски (клавијатури), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Благоја Антовски (тапани) пред публиката ќе се претстават со свои авторски композиции и џез стандарди.

14:00ч. Летечки Пекинезери – составот кој со својот карактеристичен звук кој се движи во рамките на свингот, звуците од 30-тите и 40-тите години на минатиот век, рокабили звукот и музиката на почитуваните мајстори на македонската народна музика, повеќе од 10 години ги обединува слушателите на џез музиката од сите генерации.

15:00ч. Sethstat – Sethstat веќе двесетина години неуморно ја промовираат македонската џез сцена, експериментирајќи во границите на модерниот џез, панк џезот и слободниот џез, а зад себе имаат шест успешни албуми. Sethstat нѐ повикуваат на едно :музичко патување со себе, во себе и меѓу себе, растегнато врз замислен, но реален свет”.

16:00ч. Џоле Грујовски Квартет – Џоле Грујовски – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Оливер Јосифовски – контрабас и Александар Џигер Ванчовски – тапани се членовите на овој квартет кој пред публиката на овој настап ќе го исполни новиот музички материјал на Грујовски.

17:00ч. Fierce – Fierce се дел од најмладата генерација македонски џез музичари кои енормно брзо ја освоија публиката. Нивниот звук се движи во границите на современиот џез вклучувајќи силни и иновативни рифови, ритмови и мелодии.

18:00ч. Тони Китановски Трио – Тони Китановски (гитара) и Васил Хаџиманов (клавијатури), ветераните на џез сцената, заедно со Виктор Филиповски (тапани), ќе ја почестат публиката на платото пред МКЦ со своите добро препознатливи композиции, џез стандарди, но и дел од нивниот нов материјал.

19:00ч. Imaginary Folklore – Imaginary Folklore е космополитска мешавина на три силни музички фигури од Аргентина, Италија и Македонија. Позајмувајќи идиоми и форми од џезот, Етиописката и музиката на Гана, традиционална и современа класика, балканската и јужно-американската музика – музиката на Imaginary Folklore ја претставува трансферзалата меѓу континентите, културите и луѓето ширум светот. сево ова е вклучено во нивната интеракција, оригиналните композиции и аранжмани. Во бендот членуваат Лео Џеновезе (пијано, електроника, саксофон, ударни инструменти и вокали), Франческо Марокочи (контрабас, ударни инструменти и вокали) и Александар Петров (перкусии и вокал).

20:00ч. Битлси во изведба на ЗЏМ Биг Бенд Оркестар, под диригентство на Емин Џијан – за сите оние што го пропуштија концертот во МОБ, уште една шанса да се проследи еден од најуспешните џез концерти за минатата година, овој пат под отворено небо. Концертот беше оценет како исклучително успешен од страна на музичките новинари и критичари кои оценија дека појавувањето на еден ваков џез состав е вистинско освежување на македонската џез сцена. ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот ќе настапи под диригенство на Емин Џијан.