Цела генерација завршивме 5.00, тоа кажува многу – Средношколски искуства и препораки за дигиталното образование

Инститиците треба сериозно да ги разгледаат ставовите и предлозите на средношколците за подобрување на системот на далечинското образование, бидејќи тие се активни учесници во процесот и важни за креирање ефективен систем за учење на далечина, стои во заклучоците од кусото истражување на Младинскиот образовен форум во кое за своите искуства за наставата зборуваат македонските средношколци.

Притоа, за Концептот за далечинско образование било разговарано со 17 средношколци од Скопје, Битола, Велес и Тетово, од 9 од средни училишта на национално ниво. Сите ученици навеле дека следеле некаков вид настава на далечина, но начинот на изведување на наставата бил различдн за секој предмет.

„Што се однесува до сеопфатното искуство со далечинското учење, учесниците во фокус-групите се согласија дека истото било лошо организирано, а тоа влијаело на квалитетот на образованието што го добиваат. Генералната критика ја упатија кон целокупниот образовен систем и неговиот пропуст при организирање на наставата. Дополнително, учесниците сметаат дека и голем дел од професорите не располагаат со доволно дигитално знаење и вештини за изведување на наставата со користење на нови методи, како што се онлајн училниците, онлајн предавањата“, стои во анализата на МОФ.

Што се однесува до онлајн платформите кои се користеле, учениците споделиле дека најкористени билл платформите „Classroom” и „ZOOM“, социјалните мрежи „Facebook“ и „Viber“, електронска пошта, но имало и професори кои единствено комуницирале преку телефон со еден ученик (најчесто претседателот на класот), па потоа тој ги споделувал информациите со останатите соученици.

„Голем дел од учесниците сметаат дека е потребно итно воспоставување на унифицирана национална платформа за далечинска настава и далечинско оценување, а на тој начин да се работи и на подобрување на координацијата и организацијата помеѓу професорите. Сепак, дел од учениците сметаат дека добар пристап би било доколку секое училиште има своја посебна платформа за далечинско учење“, заклучуваат од МОФ.

Во однос на комуникацијата помеѓу учениците и професорите, искуствата на учесниците се разликуваат. Дел од нив искажале задоволство од комуникацијата и организираноста на професорите, додека дел упатиле критики. За да се надминат проблемите, тие побарале поголема организација и почитување на нивното слободно време, како и создавање национална платформа за далечинско учење и комуникација.

„Тие (средношколците) сметаат дека е потребно точно да се определи дневниот временски период за настава. Па така, наместо од 12:00 до 18:00 часот, учесниците препорачаа наставата за сите да се одвива во првата смена, со почеток рано наутро, како би се завршила во попладневните часови. Дополнително, со оваа промена учесниците објаснија дека ќе им се ослободи денот за повеќе воншколски активности и домашни обврски кои сега немале време да ги изведуваат. Покрај тоа, предложено беше да се утврдат и унифицираат одморите помеѓу предавањата“, укажуваат од МОФ.

Како голем проблем се споменува и начинот на оценување, кој повторно се разликувал од професор до професор. Најсресно на учениците им било усното испрашување пред камера, додека проблем за кој немаат решение, е препишувањето.

„Оценувањето не беше фер, сега нема да се правам дека не препишував на некои предмети, но не е фер да може да се добиваат повисоки оценки само поради тоа што некој препишал. Неизбежно беше препишувањето. Цела генерација завршивме 5.00, па сега тоа кажува многу“,  е една од изјавите на средношколците од фокус – групите.