Царовска за „360 Степени“: Истражни органи треба да утврдат како се правеле набавките на учебници

Истражни органи ќе треба да утврдат на кој начин од 2014 наваму се правеле набавките на учебниците со кои се давало екслузивитет на одредени издавачи, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска во интервју за „360 Степени“.

Таа истакна дека МОН формирало Комисија за да откријат на кој начин од 2014 до денес се откупувале учебниците и каков е нивниот квалитет, откако компаниите кои се јавиле на јавна набавка одбиле да ги дадат податоците што им биле побарани.

Комисијата утврдила дека во процесот на одобрување на т.н. кембриџ-учебници, имало книги кои иако имале повисоки поени не добиле одобрение за употреба, додека други учебници добиле такви решенија иако имале пониски оценки. Царовска во интервјуто најави дека ќе достават материјали и заклучоци до Основното јавно обвинителство за целиот процес.

Препорака на Комисијата при МОН е ново законско решение, или да се допрецизира постојното законско решение каде ќе се утврдат повеќе аргументи за квалитетот на учебници кои задолжително ќе се бараат на оние коишто ги продаваат, односно од оние од коишто МОН ги откупува учебниците.

Новиот закон за учебници е во Собрание и со него, смета Царовска, ќе се направи демонополизација на откупот на учебници така што повеќе фирми ќе можат со повеќе учебници да конкурираат и да бидат на пазар, а училиштата ќе утврдуваат кој од нив ќе ги откупуваат за одредена учебна година и одреден предмет.

„Но, ако ме прашате зошто новото законско решение не го уредува ова, одговорот е дека новото законско решение се однесува на новите наставни програми, новите наставни програми одат со нови учебници  со новото законско решение, додека старите наставни програми треба да завршат или да излезат од употреба во период од 5 до 6 години врз основа на старото законско решение“, рече Царовска.

Таа најави втор круг преговори со издавачите откако првично не бил направен откупот поради нецелосна документација. Уверува дека учебници за идната учебна година ќе има и дека учениците нема да останат без наставни материјали.