Carol прогласен за најдобар ЛГБТ филм на сите времиња

Лезбиската љубовна приказна на Тод Хејнс, адаптација на романот „Цената на солта“ на Патриша Хајсмит од 1952 година, е на прво место на листата за најдобар ЛГБТ филм која ја составиле повеќе од 100 експерти.

Филмот Carol на режисерот Тод Хејнс е прогласен за најдобриот ЛГБТ филм на сите времиња, во топ 30 листа составена по повод 30-тата годишнина на Лондонскиот лезбиски и геј филмски фестивал, BFI Flare.

Carol e филм објавен минатата година, во кој глумат Кeјт Бланшет и Руни Мара. Веднаш зад него се наоѓа филмот Weekend на Ендрју Хеј од 2011 година, а на трето место е романсата Happy Together на Вонг Кар-ваи од 1997 година. Brokeback Mountain на Енг Ли е на четвртото место.

Carol доби шест номинации за Оскар и девет номинации за Бафта, но не доби ниту една статуетка.

Триша Татл, заменик директор за фестивали во BFI, вели дека не е изненадување што Carol е на првото место.

„Хејнс е многу сакан филмаџија во и надвор од ЛГБТ кино круговите, а ова е еден од неговите најдобри филмови. Секој има свој омилен филм од Тод Хејнс, а ова е дефинитивно мојот. Гласав за него. Со оглед на недостатокот на лезбиска содржина во кината, добро е што е на прво место“, вели таа.

Хејнс вели дека е горд што Carol е на првото место.

„Carol е во друштво на многу филмови кои ги сакам, од Brokeback Mountain, Un Chant D’Amour, па се до Happy Together и My Own Private Idaho“, вели режисерот за Guardian.