Царинска управа: Во 2019 се увезени 2.215 тони отпад со дозвола, нема увезен опасен отпад

Вкупната количина на увезен отпад за изминатата година е 2.215 тони, за кои што секој увозник уредно доставил дозвола издадена од соодветното министерство и при тоа не станува збор за увоз на опасен отпад, соопштуваат од Царинската управа (ЦА).

Од таму тврдат дека со цел обезбедување на транспарентно и точно информирање, а во контекст на актуелизирањето на увозот на отпад во Северна Македонија, посебно по случувањата во соседството, Царинската управа дополнително го подигнала степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните.

„Согласно стратешките определби на Царинска управа во насока на безбедноста и здравјето на граѓаните, увозот и контролата на опасен отпад, како стока со ризик, секогаш е предмет на царинска контрола и во рамките на надлежностите на ЦУ истата се спроведува согласно законот. Тоа подразбира задолжително поседување на соодветна дозвола за увоз од надлежното министерство, во случајов тоа е Министерство за животна средина и просторно планирање“, велат од Царинската управа.

Бугарските медиуми деновиве пишуваа дека досегашниот директор на депонијата „Дрисла“, Горан Ангелов, преку негова фирма во Бугарија „Блацион“ извршил увоз на 25 контејнери опасен отпад од Италија.

Од Царинската упрвава велат дека, согласно нивните податоци, компанијата „Блацион ДОО“ не се појавува како испраќач во увозна царинска постапка.

„Дел од новинарските прашања се однесуваат на фирмите кои користат гориво од отпад. Согласно евиденцијата со која располага ЦУ, во текот на изминатата година само една компанија користела гориво од отпад“, се вели во соопштението на Царинската управа.

Со цел утврдување на евентуални неправилности, велат од таму, Царинската управа во соработка со Министерството за внатрешни работи презема одредени активности во насока на истражување на увозот на отпад.

„Овие активности продолжуваат во континуитет и со други надлежни институции, а за исходот од истите јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштува Царинската управа.