Букинг прекинал соработка со Хрват кој одбил да смести турист зашто бил геј

Страницата за резервации Букинг (Booking.com) ја раскинала соработката со сопственик на апартмани од хрватскиот град Задар кој одбил апартманот да го изнајми на геј турист од Бразил.

„Жал ни е да слушнеме дека изнајмувачите од било која причина ги дискриминираат своите гости. Во компанијата Букинг не толерираме ниту еден облик на дискриминација и ако дознаеме дека на нашата страница постои сопственик на сместувачки капацитет кој е вклучен во дискриминаторско однесување ја прекинуваме соработката и го тргаме неговиот капацитет од нашата страница. Поради постапката на изнајмувачот, ја прекинавме соработката со него и работиме на тоа да помогнеме на нашиот гостин да најде алтернативно сместување“, изјавиле од Букинг за локалниот медиум Задарски.хр.

Бразилскиот лекар Фабијано Валим го резервирал апартманот и по неколку дена добил порака од сопственикот дека е одбиен бидејќи не примаат геј лица, со барање да ја откаже резервацијата. Валим потоа целата преписка ја ставил на Твитер со порака дека е шокиран.

„Ме изненади вашиот непристоен одговор на мојата резервација. Хомофобното однесување како вашето треба да биде забрането во целиот свет. Но, јас и понатаму верувам во добри луѓе. Вие не сте еден од таквите. Сигурен сум дека ќе разберете дека ќе ја задржам резервацијата до 30 август затоа што тоа е мојот конечен договор со сервисот Букинг. Се надевам дека тие некако ќе ве казнат“, напишал Валим во одговорот до сопственикот на апартманот кој го објави на социјалните мрежи.

Синот на сопственикот на апартманот, кого го контактирале медиумите, изјавил дека наводно: „имале негативни искуства со геј лица од Словенија, кои правеле оргии во хотелот и оставиле голем неред, по што решиле повеќе да не примаат геј лица“. Тој, сепак, не дал одговор на новинарското прашање дали би продолжиле да сместуваат хетеросексуалци доколку тие би биле причина за оргии и нередот.

Валим изјавил дека не очекувал толку големи реакции на Твитер за неговото хомофобно искуство, поддршка од хрватските граѓани и големиот интерес од хрватските медиуми. Тој додал дека од Букинг го контактирале и му се извиниле за непријатностите и му понудиле друго сместување посочувајќи дека заедно со сопругот сепак ќе летуваат во Хрватска.