Букети за фалење на руските социјални мрежи се изнајмуваат за 8-ми март

Русите кои сакаат да ги импресионираат своите следбеници на социјалните мрежи, можат да изнајмат огромни букети цвеќе доволно долго за перфектна фотографија на Инстаграм, пренесуваат руските медиуми.

Оваа услуга ја нуделе поголем број сервиси преку социјалните мрежи во пресрет на денешниот Меѓународен ден на жената, кој се слави како државен празник во Русија и кога жените традиционално добиваат букети цвеќе и разни подароци. Понудата е 10 минути со огромен букет, доволно за најдобриот агол и поза, пред курирот да го врати цвеќето назад, пренесува ББЦ. Еден кориснички профил изнајмува 101 рози за 700 рубљи – околу 12 долари.

Постирањето на селфи фотографии со огромни букети, кои изгледаат како да се испратени од партнерот или таинствен обожавател, е тренд помеѓу корисниците на социјалните мрежи Инстаграм и ВКонтакте во Русија веќе некое време.

Еден од интернет порталите кои контактирале сопственик на ваков сервис за изнајмување цветни букети добиле одговор дека побарувачката е висока. 10-те минути во кои букетот е достапен, можат да бидат продолжени, но не да се оди во бесконечност.

„Најважно е да се избегне: Само да ставам малку шминка и да се средам“, објаснил тој за сајтот „360ТВ“.

Друг профил кого тие контактирале се покажал како шега, направена за да го исмева новиот тренд. Овие услуги беа коментирани од Русите и онлајн.

„Ова е суштина на модерните вредности“, пишува еден корисник на Инстаграм, кој сугерира сличен сервис насочен кон мажите: „Ролекс часовник, два Ајфони на маса и селфи фотографија од канцеларија со панорамски поглед во Москва“, напишал тој.