Бугарија и Романија ќе добијат делумен пристап во Шенген зоната од 31 март

Бугарија и Романија ќе бидат вклучени во Шенген зоната по морски и воздушен пат од 31 март следната година, пренесува „ТРТ Балкан“.

Во соопштението на Советот на ЕУ се наведува дека земјите-членки едногласно се согласиле за укинување на граничните контроли на поморските и воздушните патишта со Бугарија и Романија на 31 март, но потребна е нова одлука за укинување на контролите на копнените граници.

Аспирацијата за влез во Шенген зоната на овие две земји последно беше блокирана од Холандија, Унгарија и Австрија.

Унгарија ја предупреди Бугарија, која сакаше да ја зголеми транзитната такса што ја применува за рускиот природен гас што доаѓа во нејзината земја преку гасоводот „Турски тек“, да се повлече од идејата бидејќи во спротивно ќе го спречи нејзиниот влез во Шенген зоната. Потоа, официјална Софија се откажа од својот план да донесе закон за наметнување дополнителни такси за транзит на руски гас.

Холандија, која долго време се спротивставува на учеството на двете земји во зоната поради имиграцијата и корупцијата, го повлече својот приговор кон средината на декември, наведувајќи дека условите кои ги барала биле исполнети.

Конечно, Бугарија и Романија, кои беа фокусирани на преговорите со Австрија, на 28 декември објавија дека е постигнат договор за влез по морски и воздушен пат и дека ќе продолжат преговорите за влез по копнен пат.