Буенос Аирес ќе ја затвори зоолошката, по 140 години работење

Властите во Буенос Аирес соопштија дека планираат да ја затворат својата 140-годишна зоолошка градина, тврдејќи дека чувањето диви животни во заробеништво и нивното изложување се понижувачки.

Градоначалникот Хорасио Ларета Родригез рече дека 2 500-те животни на зоолошката градина постепено ќе бидат преселени во природни резервати во Аргентина, каде што ќе имаат поповолна средина. Зоолошката градина од околу 180 000 квадратни километри во областа Палермо ќе стане еко-парк кога биде повторно отворена кон крајот на оваа година.

„Оваа ситуација на заробеништво е понижувачка за животните, тоа не е начинот на кој тие треба да се негуваат“, рече Родригез на церемонијата во четвртокот.

„Новиот еко-парк ќе биде место каде што децата ќе можат да научат како да ги негуваат и да се однесуваат со различни видови. Треба да ги цениме животните. Начинот на кој тие живеат дефинитивно не е начин за тоа“, додаде тој.

Новиот еко-парк ќе служи и како засолниште и место за рехабилитација на животните спасени од нелегалната трговија, информираа градските власти.

„Најважното нешто е разбивањето на моделот на заробеништво и изложување“, вели борецот за правата на животните Герардо Биглија, долгогодишен поборник за затворање на зоолошката градина во овој град.

„Мислам дека следува промена, за која веќе се подготвивме бидејќи децата во денешно време сметаат дека е погрешно животните да се држат во кафез“, рече тој.