Буџетот за проекти за „Еразмус плус“ во идната година може да надмине 5 милиони евра

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска одбележа успешно спроведување на програмата „Еразмус плус“ за 2016 година.

На повикот кој беше објавен за предлог-проекти во 2016 година, во Агенцијата пристигнале 328 апликации за проекти, од кои одобрени биле 89 проекти. Тие ќе бидат имплементирани во текот на оваа и во наредните две години, во зависност од периодот на времетраење за секој проект одделно.

Буџетот за 2016 година, заедно со дополнителните средства кои ги одобри Европската комисија за партнерски проекти, односно стратешки партнерства во училишното образование, е реализиран 96 проценти, односно со корисниците се потпишани договори за грант во износ од 4 861 562 евра.

Во присуство на голем број професори, ученици и студенти на конференцијата, Дарко Димитров, директор на  Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, истакна дека програмата „Еразмус плус“ која почна да се спроведува во јануари 2014 година, е од исклучително значење за сите корисници во Македонија, пред се за промовирањето на интернационализацијата на образовните институции и невладиниот сектор.

Повикот за предлог-проекти за 2017 година е веќе објавен и заинтересираните ги подготуваат своите апликации за претстојните крајни рокови.

Според Муарио Ди Вероли, претставник на Европската делегација во Република Македонија, програмата е многу успешна во однос на промовирање на соработката меѓу Европската унија и земјите – партнери во спроведувањето добри практики. Иако се уште не се знае буџетот за 2017 година, Ди Вероли вели дека најверојатно ќе биде поголем од пет милиони евра.

Националната агенција ги имплементира европските иницијативи од областа на образованието и младите: Еуропас, Еуродеск, Евридика, Еурогајденс, еТвининг, ЕкВет и Јут.