Буџетот на државата ќе биде претставен преку веб-апликација, видео и игра

Министерството за финансии ќе го направи буџетот уште подостапен и транспарентен за граѓаните преку веб-апликација, видео и мултимедијална игра, информираат од таму. Во апликацијата, видеото и играта ќе се прикажат приходите и расходите на државата, како тие се собираат и трошат, на начин приемчив за граѓаните.

Натпреварувачите на „Фин хакатонот“, кој го организира Министерството во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, ќе треба да ја исполнат оваа задача во рок од 48 часа, од петок до недела. Фондот за награда ќе биде 1,5 милиони денари.

„Најдобрите идеи доаѓаат од народот. Во овој случај граѓаните ќе креираат апликација, видео и игра кои ќе ги доближат јавните финансии до граѓаните. Ќе го употребиме нивното видување за буџетот да стане поразбирлив и подостапен за сите“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, кој посочи дека имало голем интерес за пријавување на „Фин хакатонот“.

На „Фин хакатонот“ учествуваат седум тима натпреварувачи во групи од три до шест лица – програмери, графички дизајнери, економисти и креатори на софтвер.

Тие за време на викендот ќе се преселат во Министерството за финансии и континуирано ќе работат на идејното решение. Во недела жирито ќе избере најдобри предлози. Во жирито покрај министерот за финансии ќе бидат и директорот на Фондот за иновации Јован Депостовски, како и претставници на академската заедница, на невладиниот сектор и експерти.

Хакатонот е натпревар, предизвик, во кој во ограничен временски период и простор програмери, графички дизајнери, хакери и креатори на софтвер, да работат на развој на софтверски или мултимедијален производ на зададена тема.

„Буџетот претставува најсеопфатен документ на проектите и политките кои ги спроведува Владата. Затоа овој ‘Фин хакатон’ е посветен токму на буџетот. Граѓанскиот буџет добива нова форма, многу попристапна и поразбирлива за јавноста “, додаде Тевдовски.

 

Мета