Будистички монах им возврати на незадоволните туристи: Ова е манастир, не хотел

Будистичките монаси се познати по нивната „зен“ состојба – но еден од Којасан, Јапонија, реши да им возврати на „незадоволните“ туристи.

Монахот почна да се расправа со сите посетители кои престојувале во манастирот Секишоин Којасан, а оставиле не толку позитивни оцени на онлајн-платформата за резервирање на сместување Booking.com.

Манастирот, според описот, е отворен за туристите и тие може да го посетат и да престојуваат во него. Будистичкиот манастир нуди спиење на душеци, седење на дрвен под и вегетаријанска храна за појадок и вечера.

Гостите, исто така, може да се шетаат низ градините и да ги посетуваат храмовите во близина како и планината Којасан.

Но, дел од туристите заборавиле дека не престојуваат во хотел и се пожалиле за условите.

Монахот ги обвини туристите дека тие „се дел од проблемот“, дека имаат „искривена слика“ за храмовите и „не ги сфаќаат“ нивните религиозни церемонии.