„Бучен“ граѓански протест утре пред домот на премиерот Груевски

Коалицијата Граѓаните за Македонија ги повикува сите граѓани во среда, на 24 јуни, во 18:00 часот, да дојдат пред Владата на Република Македонија и да му се придружат на протестниот марш „УКА, БУКА, ОДИ СИ НИКОЛА!

„Ве повикуваме во среда, 24 јуни, во 18:00 часот, уште еднаш да се собереме пред Владата на Република Македонија и заедно, гласно и масовно да се упатиме до резиденцијата на Никола Груевски за да му порачаме: ОДИ СИ!

Никола Груевски девет години владее со Македонија, притоа остварувајќи низа кривични дела и низа политички и нечовечки злодела.

Земете тенџериња, капаци од тенџериња, лажици, пластични туби и други предмети што создаваат бучава и заедно да се упатиме пред домот на Никола, за да чуе и конечно да разбере дека мора да си оди.

Зошто?

– 9 години власт, 54 кривични дела , 30 кривични пријави!
– злосторничко здружување и перење пари;
– неовластено прислушување и тонско снимање;
– злоупотреба на службена положба и овластување;
– мачење и друго сурово, нечовечно и понижувачко постапување и казнување;
– прикривање кривично дело или сторител во врска со убиство;
– повреда на избирачко право;
– повреда на слободата на определување на избирачите;
– давање и примање поткуп

Политички и нечовечки злодела:
– нема поделба на власта – има партиска (зло)употреба – нема независно судство – има партиска (не)правда
– нема независни институции – има партиски инструменти
– нема независни медиуми – има партиски мегафони
– нема социјална правда – има партиска (не)милост
– нема „граѓанска“ полиција – има партиска полиција
– нема слобода на пазарот – има партиски тендери
– нема квалитетно образование и култура – има партиска индоктринација
– нема слободни избори – има партиски фалсификат

ОДИ СИ, НИКОЛА!“, се вели во повикот за протестот.