Брзо закажување такси преку смартфон – победник на шестиот Стартап Викенд

Тимот CABICO со мобилна платформа за брзо повикување или закажување такси во одреден временски период, се победници на шестиот Стартап Викенд кој се одржа од 28-ми до 30-ти октомври.

Платформата на CABICO е креирана на Android и iOS, со посебни апликации за возачи и корисници, а платформата има можност за ride-sharing на такси и безготовинско плаќање.

Второто место го освоија Jukebox, со апликација која дава можност на сите да ја изберат плејлистата на секоја забава. Додека третото место припадна на READLINE со апликација Snapchat for e-books, со која читателите ќе имаат дополнителна мотивација да го завршат читањето на книгите.

Домаќин на шестото и најбројно издание на Стартап Викенд Скопје беше HUB Skopje. Околу 80 учесници, ентузијасти, програмери, дизајнери, заедно со 22 ментори, ги развиваа своите идеи во времетраење од 54 часа, со цел да креираат свои стартап компании.

„По ова издание уште еднаш покажавме дека во Македонија постојат креативни млади луѓе кои сакаат и работат напорно кон остварување на своите идеи. Искуството и спомените од овој Стартап Викенд со сигурност ќе траат многу долго“, велат организаторите.

Од другите стартап идеи може да се издвојат и AudifiedReality со очила за лицата со оштетен види, ADVENTOURS со платформата за лесен пристап до сите настани во околината, MASH кои создадоа алка за вклучување и исклучување на апарати во домаќинството – за намалување на енергетската потрошувачка, или тимот QUERY кои изработија апликација преку која во реално време може да се сподели нашата локација со пријателите.

Спонзори на настанот беа USAID, CEED,  Swiss Confederation,  UNDP, mkHost, iSTYLE, Swisscontact, South Central Ventures, CORNER CASE, LETZ и други.