Брутално убиени кучиња во Општина Аеродром, Анима Мунди најавува протести доколку не се најде сторителот

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ преку соопштение реагираше на фотографиите од брутално убиени кучиња, кои жители на Општина Аеродром ги споделија утрово.

„Ниту закони, ниту полиција која постапува и штити, ништо не функционира на дело, се е само празен збор на хартија – повторно фрапантен случај на насилство во Аеродром каде се убиени 2 мирни бездомни животни, миленици на жителите. Едното најдено мртво, другото испушти душа во најлоши маки на пат до ветеринарна станица каде го носеа и се обидуваа да го спасат Daisy Family Rescue. Тие и повикаа, пријавија во полиција“, стои во реакцијата на Анима Мунди.

„Сведоци сме на комплетно бесредие, нарушување на јавен ред мир, загозување на безбедноста на се што е живо. Ниту едно ветување за похуман третман на животните, ниту една процедура, закон или пропис, ништо, ништо, ништо не е унапредено! Активистите за правата на животните се излажани како никогаш до сега, со фрапантни случаи на насилство и институционално (масовно) убивање на бездомните животни се соочуваме буквално секој ден! На кривични пријави за мачење на животните не се постапува (Пехчево, Штип), а камо ли по претставки за Законот за заштита и благосостојба на животните. Системот е во колапс, не функционира ништо“, додаваат од здружението.

Од Анима Мунди најавуваат протести доколку итно не биде најден сторителот.