„Брука“ со прв самостоен концерт ќе го промовира албумот „До преѓе“

Во МКЦ на 28 мај од 20 часот составот „Брука“ ќе одржи прв самостоен концерт, со кој ќе го промовира својот деби албум „До преѓе“.

„Ние од наша страна ќе подготвиме двочасовно, музичко, автохтоно, македонско реге, позитивна вибрација и многу изненадувања, од вас се очекува да дојдете и да уживате во звукот и атмосверата на единствената група ‘Брука’ која ќе се представи во полн состав: два вокали, гитара, бас, бубањ, перкусии, клавијатури, труба, алт сакс, тенор сакс, тромбон, ќе се свират песните од нашиот прв албум но и некои нови од престојниот втор кои се во процес на создавање. Секако ќе има и поддршка од неколку диџеи како и специјални гости музичари кои биле и се дел од ова наше битисување“, соопштуваат од „Брука“.

На концертот се очекува дополнители изненадувања, а свој штанд ќе има „Храна, А Не Оружје“.

„Затоа понесете грав, компир, кромид и други зарзавати или донирајте средства за кои знаете дека ќе стигнат на вистинското место – во стомакот на гладните луѓе од градот“, велат од „Брука“.

Билетите во претпродажба можат да се набават на билетарата во МКЦ по цена од 200 денари, додека на самиот ден на концертот ќе изнесуваат 300 денари.