Бронзен медал за Александар Стојчески од Струга на Светската олимпијада за геонауки

Средношколецот Александар Стојчески од Струга освои бронзен медал на Светската олимпијада за геонауки која изминатава недела се одржуваше во Тајланд.

Стојчески го освоил медалот во конкуренција на 150 натпреварувачи од 40 држави од целиот свет. Информацијата на фејсбук ја сподели професорот Ивица Милевски, кој е ментор на македонскиот тим во првото учество на земјава на Светската олимпијада за геонауки.

„Прво учество на Македонија на Светската олимпијада за геонауки и прв бронзен медал за нашата држава – за Александар Стојчески од Струга. Сето тоа во огромна конкуренција на 150 натпреварувачи од 40 држави од сите 5 континенти (вклучувајќи ги Кина, Јапонија, САД, Австралија, Франција, Италија, Германија, Русија, Кореја, Индија, Индонезија, Мјанмар, Аргентина, Бразил, Шпанија, Португалија, Финска, Чешка, Филипини, Пакистан, Израел, Турција, Малави, Хаити, Тајван и бројни други…). Како ментор на Александар и Венеса, мое огромно задоволство од нивниот севкупен настап, резултати, активности, воспоставени бројни контакти, примерно однесување и да имаат уште поголеми успеси понатаму во животот“, напиша професорот Милевски.

12-тото издание на Светската олимпијада за геонауки се одржува од 8-ми до 17-ти август на кампусот на Универзитетот Махидол во Тајланд. Учениците ги тестираат своите теоретски и практични знаења во повеќе полиња од геонауката. Главната цел на Олимпијадата е да го зголеми интересот на учениците и да ја подигне јавната свест за геонауките.