132.068 лица биле вработени во 1.314 институции во јавниот сектор во 2018 година, што е зголемување за 3.346 лица во споредба со 2017 година, покажуваат податоците од новиот Годишен извештај од регистарот на вработените во јавниот сектор кој вчера го објави Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
Извештајот содржи информации за структурата на вработените во јавниот сектор. Нивниот број, распределбата по дејности и институции, половата, етничката и возрасната застапеност, кои се резултат на вкрстена анализа на податоците од МИОА, Министерството за финансии, Агенцијата за вработување, и Фондот за здравствено осигурување. Од деталната структура на вработените, поради безбедносни ограничувања, исклучени се податоци за вкупно 19.904 вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за разузнување на Република Северна Македонија.
Според половата структура, 54% од вработените во јавниот сектор се жени. Институцијата со најголем број жени е Уставниот суд (90,48%), како и Судскиот совет и Советот на јавни обвинителства. Мажите се најзастапени во јавните претпријатија (83,52%) и транспортната дејност (88,36%).
Просечната возраст на вработените изнесува 45,95 години, што изнесува мало зголемување во споредба со 2017 година (45,85 години). Парадоксот според кој највозрасните работат во дејноста информатичко општество, а најмладите во правда, обвинителство и законодавната власт останува и оваа година.
Според образовната структура, лани во споредба со 2017 година пораснал бројот на вработените со високо образование (од 46.405 на 50.301) и вработените магистри (од 4.861 на 5.053) но се намалил бројот на вработени доктори на науки (од 2.068 на 1.981).
Најголем број вработени со основно образование има во дејноста „комунални работи“ (31%) и „животна средина“ (28%), најмногу вработени со средно образование има во дејностите „правда“ и „судство“ (по 63%), најмногу високообразовани има во дејноста „образование“ (68%), додека најмногу магистри има во дејноста „уставен суд“ (29%) и „претседател“ (20%). Дејноста „Претседател“ има и најмногу доктори на науки (20%), по што следуваат дејностите „образование“ (4,8%) и „финансии“ (3,1%).
Од Владините институции, според бројот на вработени, убедливо води Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор со вкупно 1.550 вработени или 65% од сите вработувања во сите владини служби и секретаријати. Покрај МВР, меѓу министерствата рекордер е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со вкупно 977 вработени, додека на првите три места се и Министерството за одбрана (779) и Министерството за финансии (651).
Од органите во состав на министерствата најголем број вработени има во Управата за јавни приходи (1.183), додека на второ место е Царинската управа (1.127). Далеку на третото место е Управата за водење на матичните книги со 451 вработено лице. Од самостојните органи на државната управа на првото место се наоѓа Агенцијата за катастар на недвижности со 840 вработени лица.
Зголемувањето на бројот на вработени во 2018 година повторно покажува нагорен тренд, откако лани од МИОА се пофалија дека во 2017 година бројот на вработени во јавниот сектор се намалил за 951 лице во споредба со 2016 и дека „по повеќе децении се забележани надолни трендови во вкупниот број на вработени во јавниот сектор“.