Бројот на деца погодени од сиромаштија во светот зголемен за уште 150 милиони за време на пандемијата

Поради пандемијата на коронавирусот, бројот на деца погодени од сиромаштија во светот е зголемен за уште 150 милиони, се вели во анализата на УНИЦЕФ и организацијата „Save the Children“, пренесува српски „Данас“.

Како што се наведува, од почетокот на пандемијата забележан е раст на бројот на деца кои живеат во сиромаштија во земјите со средни и ниски примања за 15 отсто, со што нивниот вкупен број се искачи на околу 1.2 милијарди.

Се посочува дека најсиромашните деца на светот стануваат уште посиромашни и се предупредува дека состојбата ќе стане уште полоша во наредните месеци, а особено се нагласува дека крајот на кризата е сè уште далеку.

Во извештајот каде се анализирани податоци од повеќе од 70 земји, се упатува апел до владите за брзо проширување на системите за социјална заштита, пристап до здравствена заштита и можности за учење на далечина.