Бројката на починати од Ковид-19 се искачи на 17, заразени нови 53 лица

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починаа двајца пациенти заболени од коронавирус, информираа денеска од Министерството за здравство (МЗ). Оттаму велат дека се работи за жена од Лабуништа на возраст од 71 година и маж од Куманово на возраст од 77 години кои биле хоспитализирани во тешка состојба.

Во изминатите 24 часа, пак, потврдени се нови 53 случаи позитивни на Ковид-19, а со ова вкупната бројка на дијагностицирани во Северна Македонија изнесува 483 лица.

По градови, нови случаи има во Скопје каде се регистрирани 13 позитивни лица, 14 лица во Струга, осум во Куманово, пет во  Штип, два во Прилеп, Тетово и Гостивар, шест во Кочани и еден случај во Велес.

Од Министерството објаснуваат дека во денешната статистика се евидентирани вкупно пет починати лица од Ковид-19, бидејќи кај три дополнителни случаи вирусот бил потврден постхумно.

„Институтот за јавно здравје информира за уште два смртни случаи, односно за жител на Велес кој почина пред неколку дена, а неговиот позитивен резултат е докажан постмортем и за странски државјанин кој живеел во Скопје 4 месеци. Министерството потсетува и дека пациентот од Куманово кој почина на 2 април на Инфективната клиника, а чиј позитивен резултат на Ковид – 19 беше потврден вчера попладне, како случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде исто така евидентиран во денешниот извештај“, се вели во соопштението на МЗ.

Со ова, велат од министерството, во денешната статистика се евидентирани пет починати лица од Ковид-19.

Моментално на Инфективната клиника се хоспитализирани 61 пациент, од кои 11 од нив се на механичка вентилација. Досега во земјава се направени 4.920 тестирања на Ковид-19, додека само во изминатото деноноќие направени се 414 тестови.