БРО: Професори од ПМФ проценуваат колку се опремени кабинетите по природни науки за основно

Професори од Природно-математичкиот факултет прават проценка за опремување на кабинетите по природни науки во основните училишта согласно реформите со новата Нацрт-концепција за основно образование, соопшти Бирото за развој на образование. Оттаму појаснуваат дека претставници од Бирото  вчера биле на онлајн состанок со раководители и професори од институтите на Природно-математичкиот факултет во Скопје посветен на реформите во основно образование.

 

„На состанокот беше посочено дека професори од природно-математичкиот факултет се веќе вклучени во проценувањето на потребите на училиштата за опремување со современи наставни и нагледни средства на јазиците на кои се изведува наставата по природни науки како и со литература соодветна за возраста на учениците, што во многу ќе допринесе за успешна реализација на реформираните наставни програми во основното образование.

Министерството за образование и наука во соработка со Природно-математичкиот факултет од Скопје и стручните служби на Бирото за развој на образованието, започна со проценка на потребите и детално специфицирање на опрема и нагледни средства потребни за квалитетно изведување на наставата по предметите од подрачјето на природните науки во основното образование. Опремувањето на основните училишта се планира да започне во првата половина на 2021 година и истото ќе се прави преку Проектот за унапредување на основното образование финансиран од Светска банка“, соопштија од Бирото.

Оттаму велат дека една од главните цели на проектот е унапредување на средината за учење во основните училишта, со особен акцент на креирање на мултифункционални училници, кабинети опремени со модерна информатичка технологија и лаборатории за природни науки.