Британскиот сој на вирусот утврден кај 45 лица во земјава

Од Министерството за здравство информираат дека во периодот од 1 јануари до 7 февруари во лабораторијата на ИЦГИБ-МАНУ, присуството на СарсКов2 вирусот од Велика Британија е утврдено кај 45 примероци на брисеви од заразени лица.

„Првиот пациент со овој тип на вирус во оваа лабораторија е дијагностициран на 13 јануари во Охрид и оттогаш неговата застапеност прогресивно се зголемува. Во моментот оваа варијанта на вирусот е најфреквентна во Охрид и Прилеп, а е присустен и во градовите Тетово, Струга, Куманово, Штип и Велес. Овие резултати се базираат на скрининг за присуство на 2 мутации кои го карактеризираат овој сој на најголем дел од новозаразените пациенти дијагностицирани во оваа лабораторија (>400), како и со секвенционирање на целите геноми на вирусите детектирани кај >50 од овие пациенти“, се вели во соопштението на МЗ.

Оттаму известуваат дека анализите на МАНУ не утврдиле присуство на британскиот сој на вирусот кај вработените на Клиниката за нефрологија каде за краток временски период биле заразени повеќе здравствени работници.