Британски тинејџер создал робот-адвокат кој нуди бесплатна правна помош

Joshua Browder, кој на 18 години создал веб страница која им помага на корисниците да поднесат жалба за „нефер казни за непрописно паркирање“, сега креирал компјутерски алгоритам-адвокат кој ѝ помага на јавноста да се справи со разни правни проблеми.

„Веднаш откакo пишувавте за DoNotPay, корисниците почнаа да ми праќаат мејлови во кои имаше разни прашања, од тоа како да го користам сајтот, па сѐ до прашања за потрошувачки права“, вели Browder, кој сега има 19 години и студира економија и информатика на Универзитетот Стенфорд, за Mashable.

„Иако се обидов да одговорам на сите, како што сајтот стануваше популарен, стануваше сѐ потешко да се одговори детално на илјадници вакви мејлови месечно“, вели. „За да го решам овој проблем, сфатив дека најдобар начин да им помогнам на луѓето ќе биде да создадам компјутерска програма која ќе разговара со корисниците, ќе генерира жалби и ќе одговара на нивните прашања како човечко битие“.


Роботот му поставува на корисникот серија прашања за неговата ситуација. Кога има доволно информации и донесува заклучок дека има правна основа за жалба, роботот создава писмо кое корисникот може да го користи.

„Роботот засега може да создава жалби за казни за непрописно паркирање, неисплатено кредитно осигурување и одложени летови и возови“, објаснува Browder. „Може да одговори и некои општо правни прашања. Се трудам да го направам колку што можам пофункционален, со цел да заменам огромна група на адвокати кои експлоатираат“.

Доколку роботот не може да одговори, испраќа генеричка порака која им нуди на корисниците примероци или можноста да го контактираат Browder директно.

„Во краен случај, кога роботот не може да одговори, добивам известување и работам најбрзо што можам да ја зголемам функционалноста за било кое идно барање од слична природа“, додава.