Британската влада ќе им дава по 15.000 фунти на млади за да студираат математика

Британската влада ќе им доделува по 15.000 фунти (над 22.000 евра) на млади луѓе кои ќе се одлучат да студираат математика или физика, а условот е да тие по дипломирањето да ги предаваат овие предмети три години.

Предлогот на конзервативната влада на премиерот Дејвид Камерон предвидува оваа специјална стипендија да ја добијат средношколците најдобри во математика и во физика, а причината за ваквиот владин потег е се поголемиот број работници во техничко-технолошкиот сектор. Предлогот се очекува да биде усвоен денеска.

„Сакам да ја направам Британија најдоброто место за изучување на математика и физика, и поради нашата растечка економија, имаме јасен план да ги создадеме најдобрите наставници за ова да се случи“, изјави премиерот Камерон.

Планот ќе биде тестиран на десет универзитети од академската 2016/2017 година, заедно со програма за преквалификација на луѓето да станат наставници по математика и физика.

Владиниот предлог наиде на отпор кај дел од образовните синдикати, откаде изнесуваат податоци дека има недостаток не само од професори по математика и физика, туку и по англиски, како и по некои од незадолжителните предмети.