Британската влада гарантира исти услови за студентите од ЕУ и по Брегзит

Студентите на универзитетите во Англија, кои доаѓаат од Европската Унија, ќе продолжат да бидат третирани исто како домашните студенти по Брегзит, ветуваат британските власти, пренесува ББЦ

Министерот за образование, Демјан Хиндс, изјавил дека студентите од ЕУ, почнувајќи од есента 2019 година, ќе плаќаат иста партиципација како англиските студенти, додека нема да се промени и нивната достапност до разни други помошни услуги. Ваквиот статус ќе важи за време на студиите.

„Студентите од ЕУ се важен придонес во универзитетскиот сектор и тоа што многу студенти од странство избираат да студираат овде е важно признание за нашиот систем. Ние денеска обезбедуваме јасност и сигурност за трошоците на нивното студирање“, изјавил Хиндс.

Шкотските власти веќе ветија слични гаранции кон студентите кои доаѓаат од земјите членки на ЕУ на некој од универзитетите во Шкотска, почнувајќи од есента 2019 година, што значи дека тие нема да плаќаат партиципација.

ББЦ посочува дека оваа одлука би требало да обезбеди дека универзитетите, загрижени за бројот на студенти и финансиите по излегувањето на Велика Британија од Европската Унија во март следната година, нема да претрпат големи промени. Потегот може да се смета и за позитивен гест пред преговорите со ЕУ, од кои британските универзитети се надеваат дека ќе успеат да го задржат пристапот до дел од фондовите за наука на ЕУ вредни 100 милијарди евра.

Засега нема долгорочна одлука или договор на реципрочна основа за третманот на студентите од Британија и од Европската Унија после Брегзит. Во британските универзитети има околу 135.000 студенти од ЕУ.