Британија забрани пушење цигари во автомобили во кои се возат деца

Пушењето цигари во автомобил додека се присутни деца под 18 години ќе биде законски забрането во Британија од четврток, први октомври.

Сепак, од полицијата соопштија дека во првите три месеци од спроведувањето на законот, пристапот ќе биде повеќе едукативен, отколку да ги гони оние кои го прекршиле.

Новиот закон ги опфаќа возачите на сите возила кои се целосно или делумно оградени со покрив. Возачот ќе биде казнет дури и ако се види како пуши додека е паркиран со отворена врата, а внатре има дете, кога подвижниот покрив е отворен, или ако климата е вклучена. Меѓутоа, постојат одредени исклучоци.

Паричната казна изнесува 50 фунти, а ако возачот е и пушач, може да биде двапати казнет. Но, според владини упатства за новиот закон, полицајците ќе го користат нивното право да одлучат дали да издадат предупредување или непроменлива парична казна, или пак да биде спроведен случајот како кривично дело на суд.

Овој закон не ги опфаќа електронските цигари, како и случаи кога 17-годишници се затекнати како пушат во автомобилот, меѓутоа во нивно присуство нема деца.

Во Велика Британија, меѓу 6,5 до 20 отсто од децата се изложени на чад од цигари во автомобили, додека 40 отсто од децата се изложени на ваков чад на глобално ниво.