Британија ќе ја забрани контроверзната „терапија за преобратување“ геј лица

Контроверзната „терапија за преобратување“ геј лица ќе биде забранета како дел од планот на британската влада за подобрување на животите на геј и трансродовите лица, пренесе ББЦ.

Национално истражување, направено на 108 илјади припадници на ЛГБТ заедницата, покажало дека 2 проценти од нив учествувале во таков вид „терапија“ додека на дополнителни 5 проценти им бил понуден ваков „третман“.

Анкетата покажала и дека повеќе од две третини од ЛГБТ лицата избегнувале држење за рака во јавност поради страв од негативни реакции.

Британската премиерка Тереза Меј изјавила дека „никој, никогаш не треба да се крие од тоа што е“.

Планот од 75 точки, кој треба да го подобри животот на ЛГБТ популацијата во земјата чини 4,5 милиони фунти бил изработен како одговор на ова големо истражување. Резултатите покажуваат дека анкетираните имале поголема веројатност да бидат „помалку задоволни“ со својот живот од останатите граѓани.

Како дел од овој план се предвидуваат законски измени за забрана за промоција, нудење и спроведување на „терапии за преобратување“.

„Ова е многу екстремна таканаречена терапија која постои за „лечење“ на некој кој е геј. Се разбира не може да се „излечи“ некој што е геј. Во најекстремните форми тоа може да вклучува и силување“, изјавила министерката за еднакви можности Пени Мордан за радиото на ББЦ.

Министерката додала дека владата се консултира околу најдобриот начин за имплементирање на забраната, додавајќи дека е „апсолутно исправно што оваа одвратна пракса мора да престане“.

Помеѓу другите точки планирано е да се востанови национален здравствен советник за ЛГБТ заедницата, борба против дискриминацијата, подобрување на реакциите на говорот на омраза и подобрување на диверзитетот во образовните институции.

Истражувањето било спроведено во периодот од јули до октомври минатата година. 61% од испитаниците се изјасниле како геј или лезбијки, над четвртина се идентификувале како бисексуалци, а 13 проценти за трансродови лица.

Една четвртина од анкетираните изјавиле дека не се воопшто отворени со семејството со кое живеат во врска со тоа што се ЛГБТ лица. 40% од испитаниците изјавиле дека доживеале инцидент од омраза, додека 9 од секои 10 најсериозни прекршоци никогаш не се пријавуваат до надлежните.

Рут Хант, од хуманитарната организација „Стоунвол“ изјавила дека е задоволна од тоа што владата има слух за ЛГБТ заедницата, но додала дека има уште долг пат до целосна еднаквост.

Активистот Питер Тачел го поздравил потегот да се забрани „терапијата за преобратување“ но, додава дека планот во 75 точки не оди доволно далеку во решавање на проблемите.

„Најголемиот пропуст е недостатокот на волја да се стави крај на приведувањето и депортирањето ЛГБТ+ бегалци од насилните хомофобични држави како Уганда, Иран, Русија, Египет и Јамајка. Друг пропуст е недостатокот на било каква заложба за компензирање на геј и бисексуалците мажи кои биле осудени по старите анти-геј закони“, рекол Тачел.