Британците собраа милион потписи против државничката посета на Трамп

Онлајн петиција која бара да се спречи официјална државничка посета на Велика Британија на американскиот претседател Доналд Трамп, досега собра над милион потписи.

Петицијата е поставена на официјалната интернет страна на британската влада и брзо ги достигна 100-те илјади потписи, кои се потребни за да се поттикне дебата во парламентот.

Сепак, според информациите на Гардијан, премиерката Тереза Меј нема да ја повлече поканата до американскиот претседател бидејќи таа останува „суштински национален интерес“.

Во текстот на петицијата стои дека на Трамп треба да му се дозволи влез во Велика Британија како предводник на американската влада, но дека тој не треба да биде поканет на официјална државна посета бидејќи тоа ќе претставува срам за Кралицата.

„Добро докуметираната мизогинија и вулгарности го дисквалификуваат Доналд Трамп од негов прием кај Нејзиното Височество Кралицата и Принцот од Велс. Поради тоа, за време на неговото претседателство, Доналд Трамп не треба да биде поканет на официјална државничка посета во Велика Британија“, дополнително е наведено во петицијата.