Брендираната облека поважна од активизмот за младите од Северна Македонија, покажува нова студија

Две третини од младите во Северна Македонија сакаат да се иселат од земјата, мнозинството од нив на период подолг од 20 години или засекогаш, а како главна причина за овој нивен став го наведуваат подобрувањето на животниот стандард, покажуваат податоците од новата Студија за млади на Фондацијата „Фридрих Еберт“ (ФЕС).

Истражувањето, кое беше објавено минатиов месец, е направено на почетокот на 2018 година, преку анкета на млади лица од 14 до 29 години и е дел од поширокиот проект на ФЕС – Студии за млади во Југоисточна Европа, во која се опфатени 10 држави од регионот.

Истражувањето адресираше широк спектар на прашања, од искуствата на младите луѓе, нивните вредности, ставови и верувања и нивните аспирации во различни сфери од животот како: образование, вработување, политичко учество, семејни односи, слободно време, употреба на технологија за информирање и комуникација.

Во врска со желбата за емигрирање, младите од Северна Македонија можат да се поделат во три групи. Една третина имаат силна желба да ја напуштат матичната земја, една третина изразиле средна желба за миграција, и една третина воопшто немаат таква желба. Убедливо најпосакуваната дестинација за иселување на младите е Германија. Авторите на истражувањето, анализирајќи ги податоците, констатираат дека, генерално, младата македонска популација, во целост, нема силна тенденција за миграција.

Споредено со останатите 10 земји од Југоисточна Европа, единствено младите од Србија во поголем процент сакаат да емигрираат од нивните врсници во Северна Македонија. На спротивната страна на рангирањето се наоѓаат младите од Романија, Хрватска и Бугарија, кои во најголем процент сакаат да останат во својата матична држава.

Добриот изглед и брендираната облека поважни за младите од политичкиот и граѓански активизам

Во делот за вредностите на младите во Северна Македонија, анкетата покажува дека најважна вредност е верноста и лојалноста кон партнерот и пријателите, додека најмалку важна е политичката активност. Меѓу најмалку важните вредности се наоѓа и учеството во граѓански активности, која се наоѓа зад опциите како носење брендирана облека, универзитетската диплома или пак добриот изглед и брачниот статус, опции кои според анкетата биле повредни за младите.

Во овој дел од истражувањето интересен е и ставот за младите во нивната проекција на личната иднина, како и иднината на земјата. Додека 85% од нив сметаат дека во иднина ќе им се подобрува нивната лична ситуација, само 40% сметаат дека во иднина ќе се подобри ситуацијата во Северна Македонија.

Од општествените појави младите од земјава најмногу стравуваат од сериозна болест, загадувањето и климатските промени и зголемената сиромаштија, додека најмалку стравуваат дека можат да бидат жртва на физичко насилство.

Во регионот на Југоисточна Европа најголемиот страв е корупцијата, зголемената сиромаштија и социјалната неправда.

Истражувањето забележува и зголемен процент на млади кои практикуваат верски обреди во последниве 5 години. Иако 40% одат на верски обреди само за време големите верски празници, сепак на скоро 79% од младите им е значаен Бог, додека на повеќе од половината им е многу значаен.

Во регионот на Југоисточна Европа, Бог има најголема важност во животот на младите од Косово (9,4 на скала од 1 до 10), а најмала на младите од Словенија (3,9). Северна Македонија е некаде на средината со скор од 7,9.

Авторите на истражувањето забележале и дека младите покажале загрижувачка дистанца за бегалци, хомосексуалци, а особено за поранешни затвореници и зависници од дрога.

6 часа дневно на интернет

Младите, во просек, дневно поминуваат приближно 3 часа гледајќи телевизија и 6 часа поминуваат на интернет. Интересен е податокот дека во споредба со истражувањето од 2013 година, времето поминато на интернет е зголемено за цели 2 часа.

Во споредба со земјите од Југоисточна Европа единствено младите од Црна Гора поминуваат повеќе време на интернет дневно од младите во Северна Македонија.

Најчесто интернетот го користат за социјални мрежи и комуникација со пријателите и роднините, а најмалку за онлајн банкарство и „фидбек“ за производи и услуги. Интересна е споредбата во анкетата помеѓу бројот на пријатели во реалниот живот и „виртуелни“ пријатели на социјалните мрежи. Додека најголемиот дел од младите имаат меѓу 5 и 10 пријатели во реалниот живот (вкупно 37%), најголем процент од нив (42%) на социјалните мрежи имаат преку 501 „виртуелен“ пријател.

Слушањето музика, поминување време со семејството и излегување со пријателите се најчестите активности кои младите ги прават во слободно време. Најретко младите се занимаваат со медитирање и јога, волонтирање и престој во странство.

Младите помалку учат и веруваат дека се купуваат оценки

Две третини од младите имаат одредени тешкотии и стрес при типичен ден на училиште или факултет. Загрижува податокот дека драстично е зголемен процентот на млади кои велат дека типичниот ден на училиште или факултет им е тежок и стресен или многу тежок и стресен – од 12% пред пет години на 28% минатата година.

Дури 55% од младите сметаат дека постојат случаи на купување оценки во училиштата и универзитетите, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со истражувањето направено во 2013 година. Дополнителни 40% веруваат дека такви случаи има понекогаш, покажува студијата во делот посветен на образованието.

Вакви слични ставови имаат и младите во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија. Малку понизок е бројот на млади кои мислат дека се купуваат оценки во Косово и Словенија, додека најдобро во овој поглед стојат Хрватска и Романија.

Во истиот период, времето кое учениците го посветуваат на учење е намалено. Во 2013 година 44% од младите изјавиле дека посветуваат повеќе од три часа дневно на учење, додека во истражувањето од 2018 година бројката на млади кои учат повеќе од три часа е преполовена (22,5%).

„Образованието на родителите не се покажа статистички значајно во однос на часовите за учење, но се покажа како статистички значајно, дека во домаќинствата во кои има повеќе од 30 книги децата повеќе учат“, наведуваат авторите на истражувањето, додавајќи дека забележале групирање според социоекономски статус – помалку учат децата од домаќинства кои немаат доволно пари за да ги задоволат основните потреби, за разлика од децата од домаќинства кои можат да си дозволат сè што им е потребно за добро живеење.

Во поглед на вработувањето, најпривлечен за младите е јавниот сектор, во кој сакаат да работат скоро половина од младите во Северна Македонија. На второ место е приватниот сектор со 30%, по што следуваат меѓународните организации со 11%. Најмалку привлечно за младите е работа во невладиниот сектор.

Од регионот, јавниот сектор е најпосакувана работа за младите од Косово (79%) и Босна и Херцеговина (69%), додека јавниот сектор е најмалку атрактивен за младите од Бугарија (22%), Романија (29%) и Словенија (33%).

Загрижувачки е и податокот дека младите од Северна Македонија најмногу (92%) се вознемирени од тоа што немаат работа, во споредба со сите останати земји од Југоисточна Европа.

Дури 43% од младите во земјава работат професии за кои не се образувале, што е околу просекот на земјите од регионот. Во оваа категорија предничи Бугарија, каде само 18% од младите се на работни места за кои немаат соодветно образование.

Во анкетата младите ги рангирале и факторите кои сметаат дека се клучни во наоѓањето работа. Пријателските и роднинските познанства според нив се најважни, по што следува врски со луѓе на власта и среќа. Стручноста и нивото на образование како фактор за вработување се на четвртото и петтото место во очите на младите.

Незаинтересирани за политика, но гласаат на избори

Најголема доверба младите од институциите во земјава ја имаат во армијата, а најмала во политичките партии. Идеолошки, младите од Северна Македонија повеќе се политички позиционирани лево (37,4%) и во центарот (34,5%) на политичкиот спектар, а најмалку во десните политички убедувања (28,1%).

Помеѓу младите од Југоисточна Европа, најлиберални погледи покажуваат младите од Словенија, додека најавторитарни гледишта имаат младите од Босна и Херцеговина. Најлево на политичкиот спектар се младите од Црна Гора, а најдесно од Бугарија.

Голем е порастот на млади од земјава кои воопшто не ги интересира домашната политика – од 14% во 2013 година на 40% во 2018 година.

„Ваквиот драстичен пад на интересот, пред сe за домашната политика, е можна последица на споменатата политичка криза која, иако вклучуваше значително активирање на младинската популација (пред сe во главниот град), веројатно предизвикала разочараност и одбивност кај младите поради комплексноста на проблемите кои не исчезнаа со политичкиот договор и промената на власта. Политичкиот цинизам кон кој се особено склони младите (Bovan and Širinić, 2016), во Македонија потенцијално е на високо ниво“, заклучуваат авторите на студијата.

Сепак и покрај незаинтересираноста во домашната политика, младите од Северна Македонија гласаат на избори во најголем процент споредбено со сите останати земји од Југоисточна Европа. Во ова истражување, 67 % од испитаниците гласале на последните избори, а само 8,5 % од нив не гласале, иако имале право на глас. Останатите 24,5 % немаат право на глас. Односно, од оние што имаат право на глас, 88,7 % одговориле дека гласале, а само 11,3 % одговориле дека не гласале.

Помеѓу препораките на авторите на истражувањето е тоа дека е потребно дополнително образование на младите за карактеристиките на демократските политички системи и можностите за политичка партиципација и непосредно влијание врз одлуките кои ги засегаат.

„Студијата укажува на предизвиците и итните мерки кои треба да се преземат за подобрување на состојбата на младите во македонското општество, бидејќи сме свесни дека тие се идните лидери, политичари, едукатори, иноватори, работодавачи, граѓани на ЕУ и светот. Иднината е во нивни раце и тие треба да поседуваат потенцијал за промена и подобрување на демократијата и економијата во земјата“, се наведува во студијата.

Авторки на студијата за Северна Македонија се: Марија Топузовска Латковиќ, Мирјана Борота Поповска,
Елеонора Серафимовска, Анета Цекиќ и Нита Старова.

Студијата се базира врз комбинација од квантитативни и квалитативни истражувачки постапки, со анализа на примарни, но и на секундарни податоци. Анкетното истражување е направено врз примерок од 1038 испитаници, додека теренското истражување е спроведено со CAPI (Computer-assisted personal interviewing), во временскиот период од 12 февруари до 12 март 2018 година.

Сите посебни студии за младите во 10-те држави од Југоисточна Европа може да се најдат на англиски јазик и на јазиците кои доминантно се употребуваат во секоја од државите на следниов ЛИНК. Групната студија во која се споредуваат резултатите од истражувањата може да се најде на овој ЛИНК.

Даниел Евросимоски