Бремените и возрасните над 60 години да се ослободат од работа, прекршувањата на препораките да се пријават

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги потсетува работодавците на нивната обврска за почитување на препораките за заштита на работниците, а во врска со најавите за неповолни временски услови и многу високи температури во наредните денови.

Се препорачува до недела од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60-годишна возраст, додека сите други лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.

Исто така, препорака е да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено им се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во тој период.

Во следните три дена Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Црвениот крст на Македонија, ќе спроведуваат интензивни активности за згрижување на бездомните лица.

Прекршувања на препораките може да се пријават на 075/402-856, кај Слаѓана Андоновска, соопшти Министерството за труд и социјална политика.