Академскиот кадар од земјите од Европската Унија (ЕУ) треба да има гарантирано право на престој и работа во Велика Британија по „Брегзит“, за да се избегне „штетен одлив на мозоци“, додека странските студенти треба да се отстранат од миграциските бројки. Ова се главните поенти наведени во извештајот на британските пратеници, кои побараа итни чекори од Владата за ставање крај на неизвесноста околу иднината на високото образование во земјата по официјалното напуштање на ЕУ.
Комитетот за образование на британскиот парламент го изготвил извештајот кој е фокусиран на идниот статус на академските работници кои доаѓаат од ЕУ, како и на странските студенти кои студираат на британските универзитети – евентуалните штети по економијата, квалитетот и репутацијата на образованието, пренесува ББЦ.
Околу еден од секои шест универзитетски работници на британските универзитети доаѓаат од земјите на ЕУ.
Претседателот на парламентарниот Комитет, Нил Кармишел, изјавил дека со „Брегзит“ постои ризик по меѓународната репутација на универзитетите.
„Високото образование во Велика Британија е водечко во светски рамки, но „Брегзит“ ризикува да се нанеше штета од нашата меѓународна конкурентност и долгорочниот успех на нашите универзитети. Владата мора да делува итни за да се преземе нешто околу неизвесноста на вработените од ЕУ и да се спречи ризикот од штетниот одлив на мозоци и талент преку нашите брегови“, рекол Кармишел.
Еден од доказите, презентиран пред Комитетот, од професор Кетрин Барнард од Универзитетот Кембриџ, наведува дека нејзиниот универзитет имал пад од 14% на апликации на студенти од ЕУ. Таа предупредила дека тоа ќе значи губење на талентирани математичари од источна Европа, кои своите вештини можат да ги однесат на други места.
Пратениците во извештајот ја истакнуваат и економската вредност на британското високо образование, кое според нив вреди 73 милијарди фунти годишно и обезбедува 750 илјади работни места.
Околу 127.000 студенти во британските универзитети доаѓаат од земјите од ЕУ и извештајот повикува на „мали контроли“ по излегувањето на земјата од Унијата, наместо на „бариери кои би ги обесхрабриле студентите од аплицирање“.