Бранислав Нушиќ: За општеството и луѓето кои немаат ни сила ни храброст

Бранислав Нушиќ бил српски писател, комедиограф, сатиричар и критичар кој е автор на познатите комедии „Сомнително лице“, „Протекција“, „Народен пратеник“, „Госпоѓа министерка“, „Кнезот од Семберија“, „Белград некогаш и сега“…Во прилог погледнете го текстот кој е објавен како предговор на драмата „Госпоѓа министерка“, во кој тој говори за „општеството и луѓето кои немаат ни сила ни храброст“.

Бранислав Нушиќ: За општеството и луѓето кои немаат ни сила ни храброст

Ако некогаш повнимателно сте набљудувале што се случува околу вас, ако некогаш сте се впуштиле и задлабочиле во односите кои го регулираат животот во едно општество и движењата кои ги предизвикува тој регулатор – би морале да забележите дека низ животот на секое општество јасно се забележува една силна и рамна линија.

Таа линија ја испишале обѕирите, традициите, малодушноста, духовната немоќ и пред сè оние други негативни особини на човекот под кои поединците се гушат, а општеството немоќно се предава на зачмаеноста. Таа линија социјалните математичари можеби би ја нарекле нормална, а социјалните физичари почетен степен на топлина или студ, зашто таа навистина личи на оној степен на термометарот над кој, при ладење, се спушта.

По таа рамна линија се движи животот на речиси целокупното наше општество. Над таа линија се качуваат само поединци, кои имаат душевна сила и храброст да се издигнат над обѕирите, над традициите и над малодушноста. Над таа линија се качуваат само поединци кои не чекаат живата во термометарот да ја загрее надворешната температура, туку тоа загревање го наоѓаат самите во себе, во своите душевни моќи.

И под таа линија слегуваат само оние поединци кои исто така имаат душевна сила да ги прегазат обѕирите и традициите и да се ослободат од малодушноста. И овие, кои во општеството слегуваат под линијата на нормала, сè до дното на општеството, самите во себе носат диспозиции на ладење на душата и ладење на чувствата сè до точка на смрзнување. За некој да се крене или спушти над или под нормалата во животот, треба да биде подеднакво храбар. Храброст е да се биде честит, благороден, возвишен, исто така како што е храброст да се биде подол и лош.

Треба да се има многу морална сила во себе за да се крене над нормалната линија, да се биде над останатите, над толпата; како што треба многу душевна сила за да се симне под линијата, да се биде под останатите, под толпата: да се биде неранимајко, провалник, клеветник, разбојник и убиец. Подеднаква е храброста да се вознесете во воздухот на несигурната Икарова справа, која ја усовршил нашиот век, како и да се спуштите во нуркачки оклоп, во тињата на морското дно. Тие луѓе кои се вознесуваат под рамната линија на животот, имаат и големи замави, големи движења на душата, големи возбудувања и големи емоции.

Државникот со страв стои пред судот на историјата, зашто ја повел државата и народот по судбоносен пат; големиот финансиер со грозничава возбуда стои пред берзата на која во тој час тројно ќе го зголеми или ќе го упропасти својот милионски имот; на војсководецот му игра секој дамар од возбуда кога ќе ја поведе војската во судбоносна борба; поетот го возбудува инспирацијата, уметникот часот на создавање, научникот она непознатото до кое треба да дојде со открититето. Сè се тоа големи возбуди, големи емоции, големи движења на душата.

А тие и таквите големи возбудувања, големи емоции, големи движења на душата ги има и кај оние кои слегуваат под нормалната линија. Разбојникот преживува најголема мера на возбуда кога го зарива крвавиот нож во градите на своите жртви; провалникот трепери пред судијата; блудницата страда под жигот на презирот, а одметникот под бесилката преживува цела градација од болки и грижи, па до самоодрекување и апатија. Во таа област, во областа на големите возбудувања, големите емоции, големите движења на душата – без разлика дали е над или под линијата – драматичарот радо преминува, зашто тука секогаш ќе најде длабоки извори од кои може да зафати богат и обилен материјал.

Оттаму, најголем број драми се движат во таа област. Меѓутоа, многу е потешко да се бара и најде материјал во мала средина, во она општество, меѓу оние луѓе, кои немаат ниту сила ниту храброст да се одвојат од рамната линија на животот, било повисоко или пониско; меѓу оние луѓе кои немаат сила да бидат добри, но исто така немат ни храброст да бидат меѓу оние луѓе кои се врзани и ограничени со ситни обѕири, кои им робуваат на застарените традиции и чие целосно битие е создадено од малодушност. Животот во таква средина тече еднолично и одмерено, како нишало на ѕиден часовник; движењата во таа средина се мали, тивки, без возбудувања, без големи бразди, без посилни траги, како оние благи бранчиња кои кружат по застоената вода кога на нејзината површина ќе падне пердув од птица.

Во таквата мала средина нема бури, нема непогоди, нема земјотреси, ни пожари; таа средина е оградена со дебел ѕид од бурите и виорите кои минуваат низ општеството. Таа живее во своите соби, улицата за неа е туѓ свет, странство, за неа настаните кои ги возбудуваат континентите се само новинарска лектира.

Во таквите мали средини, кои не се одвојуваат од онаа рамна линија на животот, нема случувања, нема емоции, нема сензации. „Денес е денот на тетка Савка!“ – ете, тоа е настан за таа средина и сите се возбудуваат, сите се движат, сите се облекуваат, набавуваат букети, пишуваат честитки, прават посети… настан, вистински настан!

„Мила на чичко Стево го напушти мажот“ – „Леле, леле, цела фамилија се потресе – што ќе каже светот!“ И ете, тоа е емоцијата која возбудува едно цело семејство, но во таа возбуденост не лежи толку причината поради која Мила го напуштила мажот, колку во она „што ќе каже светот“. А знаете ли што е сензација во таквите мали средини?

„Снаата Зорка роди близнаци!“ И таа сензација оди од куќа во куќа, само за неа се зборува, се расправа, се толкува, и таа тема го исполнува интересот на едно цело семејство и на една цела средина. Перо доби клас, Ѓоко се разболе, Стево ги положи испитите, Јово е преместен, госпоѓа Милица купи нова спална, госпоѓа Јулка прави нов фустан од креп-де-шин, а сваќа Анка изгуби сто седумдесет динари на карти.

Ете, тоа се сензациите, тоа се емоциите, тоа се настаните во малата средина. И ете, од тие и таквите средини јас земав за јунакиња една добра жена и добра домаќинка – госпоѓата Живка Поповиќ – и ја изнесов нагло, неочекувано и изненадно, над нејзината нормална линија во животот. Едно такво пореметување на вагата на животот кај луѓето од малите средини може да направи да ја изгубат рамнотежата и да не умеат да се држат на нозе. И ете, во тоа е содржината на „Госпоѓа министерка“, во тоа е сета едноставност на проблемот кој го содржи тоа дело.

Извор: Бука, Окно