Браќата Дарден, македонска ко-продукција и концерти вечерва на „Синедејс“

Со вечерашниот репертоар започнува официјалната натпреварувачка програма на 24. „Синедејс“ – фестивалот на европски филм.

Од МКЦ информираат дека во двете селекции, Официјална конкуренција и СЕЕ се натпреваруваат европски филмови и копродукции кои ја претставуваат флуидноста и непосредноста на можни соработки меѓу филмските работници.

Филмот „ЕРА“, во режија на Парта Келменди е првата македонска копродукција која се прикажува на овогодинешниот фестивал, а е селектиран во СЕЕ програма.

„За мене, копродукцијата на филмот ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, бидејќи филмот навлегува во чувствителен историски период кој бара искрено, прецизно и автентично раскажување. Рекреирањето на деведесеттите во денешна Приштина беше комплексна задача, но под водство на режисерката и сценаристка Парта Келменди и со посветената работа на македонскиот тим – сценографот Кирил Спасовски, директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата останата креативна и техничка и екипа од Македонија и Косово – успеавме да создадеме филм на кој искрено се гордееме. Извонредните актерски интерпретации на Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и многу други, ја носат тежината и значењето на приказната со длабока свесност за нејзината културна важност. Соработката меѓу Косово и Северна Македонија во филмската уметност секогаш доаѓа природно и лесно, благодарение на блиското разбирање на нашите култури. Верувам дека ЕРА е уште еден силен пример за тоа колку успешни и вредни дела произлегуваат од ова партнерство““, вели Марија Димитрова, која е македонски копродуцент во оваа Косовско – македонска продукција.

Во клуб МКЦ од 20:30 часот е закажан „Синедејс музичкиот блок“, во кој публиката ќе има можност бесплатно да ги проследи концертите на музичките групи „Stoinost“ (Бугарија), „Elizabeta Bam“ (Хрватска), „Ubili su batlera“ (Србија) и „Sunblinds“ (Бугарија). Музичкиот дел на фестивалот е поддржан од програмата Лајвјуроп.

Во останатиот репертоар на вечерашниов 24. „Синедејс“ публиката ќе гледа:

Кратки филмови:

„17 часот“ – режија: Флака Коколи – 19 часот 25 Мај
„Пријатни“ летни денови – режија: Невена Десивојевиќ – 19 часот 25 Мај
„АМРА“ – режија: Васил Христов  –  20 часот Кино Фросина
„Состојба на умот“ – режија: Александра Кардалевска  – 20 часот Кино Фросина

Официјална конкуренција:

„Кралот Кат“ – режија: Ури Маранц  – 19:30 часот 25 Мај
„Нашата прекрасна кланица за свињи“ – режија: Адам Мартинец – 21 часот Кинотека

СЕЕ:

„ЕРА“ – режија: Парта Келменди – 20:20 часот Кино Фросина
„Месо“ – режија: Димитрис Накос – 19:00 часот Кинотека

ГАЛА

„Млади мајки“ – режија: браќата Дарден – 22:00 часот Кино Фросина

„Млади мајки“