„Браќа Манаки“: Перформансот го откажавме за да избегнеме одложување на церемонијата за наградите

Откако беше откажан перформансот „Будење на пролетта“ за затворањето на „Браќа Манаки“, а авторите реагираа и обвинија за цензура, со своја реакција се јави и директорот на фестивалот Благоја Куновски – Доре.

Тој во име на ИФФК „Браќа Манаки“ тврди дека концептот кој бил планиран за перформансот во траење од 5 минути во рамките на програмата за затворање на фестивалот, авторите планирале на сцената да остават отпад од неколку килограми праски, сливи и дињи, како и неколку килограми мед и половина кубен метар огревно дрво.

„За да се расчисти сцената ќе беше потребно време, со што би била пролонгирана церемонијата за доделување на наградите на добитниците на годинешното издание на ИФФК Браќа Манаки. Со цел да го избегнеме одложувањето на церемонијата за минимум 20 минути кои се потребни за расчистување на сцената и поставување на системот за озвучување, бевме принудени да го откажеме перформансот“, рече директорот на „Браќа Манаки“.

Ова, вели Куновски, на ниту еден начин не било со цел да се ограничи слободата на креативниот израз на авторот и неговата екипа, што според него можело да се види и од изведбата на перформансот на церемонијата на отворањето на фестивалот, зад која застанал целиот фестивалски тим.

Инаку, по откажувањето на „Будење на пролетта“, режисерот Мартин Кочовски и коавторот Горјан Милошевски испратија протестно писмо,  каде меѓу другото пишуваат дека се работи за „одвратен путирански напад“ и „политичка блокада на еден моќен, убав ангажман на група ’луди’ театарџии кои со ретка страст сакаат да донесат свежина на сцената и да навестат време кое треба да дојде, не’ чека и секако доаѓа“.