Брачните парови во Јапонија мора да имаат исто презиме, одлучи Врховниот суд

Врховниот суд на Јапонија пресуди брачните парови да го делат истото семејно име, придржувајќи се на одредбите на системот за регистрација на семејството од 19 век, за кој критичарите тврдат дека промовира родова пристрасност, пренесува Блумберг.

Врховниот суд донесе одлука против тужбата поднесена од три парови од Токио кои се обидоа да поднесат пријави за брак користејќи засебни презимиња и тврдат дека нивната неможност да го сторат тоа е кршење на нивното право на еднаквост според законот предвиден во член 14 од Уставот.

Судот рече дека за ова прашање треба да се расправа во парламентот. Ова следи по слична препорака што судот ја даде откако во 2015 година утврди дека брачните парови немаат право да бидат со одделни презимиња.

Законот што диктира дека паровите мора да го носат истото презиме кога се венчаат, главно влијае на жените, кои велат дека тоа може да создаде потешкотии во нивните кариери. Членовите на конзервативната владејачка партија на премиерот Јошихиде Суга, вклучително и министерот за родова еднаквост Тамајо Марукава, го поддржаа законот, за кој велат дека промовира семејно единство.

„Пресудата беше разочарувачка“, се спротивставува Фуџико Сакакибара, адвокат на паровите..

„Несфатливо е дека ова е уставно“, додава тој.

Технички, мажот може да го земе презимето на неговата сопруга, но во пракса само околу 4% го прават тоа. Додека многу жени ги користат своите родени имиња како „алијас“ на работа, некои велат дека двојниот идентитет може да предизвика збунетост и е непотребен товар.

Јавното мислење застана зад промената во изминатите неколку години. Анкета на весникот „Никеи“ во март покажа дека 67% од испитаниците се залагаат на паровите да им се даде можност да имаат одделни имиња, за разлика од 35% кои ја застапуваа идејата во претходната анкета во 2015 година.