„БОШ“ по 17-ти пат ќе отвори „слободен терен“ за мултимедијална програма

Фестивалот „БОШ“  и годинава во Гевгелија го отвора својот „слободен терен“ за урбана креативност преку мултимедијална програма – спој на изложби, филмови, видео-арт, инсталации и музика.

„На 29ти и 30ти август со настани во Домот на културата, Амамот и стариот пазар, ќе завибрираме со ритамот на гевгелиското лето“, посочуваат организаторите.

Тие потсетуваат дека „БОШ“ е повеќе од мултимедијален фестивал и платформа посветена на креативното изразување во урбан контекст. Роден како отпор на пропаѓањето на духот и телото, со традиционални изданија се профилира како скромен но, динамичен, провокативен и, пред сè, отворен и бесплатен за сите.

„Основан е во 2009 година во чест на гевгелискиот актер и поет Бошко Бозаџиевски (1981–2008), како трајна слава и медиум за љубовта кон неконвенционалната уметност. ‘БОШ’ не е само од забавен карактер, веќе 17 години Арт Еквилибриум останува достоен во претставувањето на различни уметности и провоцирање на разговор, комуникација и континуитет кој те тера да размислуваш за себе, но и за другите. Не секогаш сме среќни. Некогаш сме сериозни, лути и тажни, но никогаш сами. БОШ е огледалото, ако го прашаш ќе ти одговори најубав на светот кој е? Секоја година различни одговори, токму затоа што се ткаат од многу концерти и изложби, проекции и инсталации, дискусии и разговори – мозаик од уметнички форми кои го прават фестивалот жив и непредвидлив…“, нагласува организаторот.

Годинава, загревањето на фестивалот е со ФИЈУК Гевгелија во рамки на програмата Гевгелија град на културата во 17 часот на платото пред Домот на културата во центарот на Гевгелија.

Официјално стивалот се отвора со изложби во Домот на културата и Амамот, а завршува со диџеј сет во Кафе барот „У“. Вториот ден носи нови визуелни експериментални искуства, како и инсталациите „Колатерална штета“ и „Ненаситни“. Фестивалот се затвара со музички концерти во живо на „Пијан Славеј“ и „Харакири“.

Загревањето за фестивалот е вечерва (сабота, 23 август) во „Ла Кања“ со музичка селекција на Стефан Алијевиќ и печатење во живо со „Партизанска штампа“.

Повеќе за програмата подолу, или прочитајте ТУКА.

Во продолжение, погледнете фотографии од изминати изданија на „БОШ“:

Фото: архива „БОШ“