Босански градоначалник им ја дели својата плата на студентите

Кога Џемал Мемагиќ пред нешто повеќе од три години се кандидирал за градоначалник на босанската општина Олово, чиј центар е истоименото гратче на магистралниот пат Сараево – Тузла, рекол дека ако дојде на функцијата – ќе работи бесплатно.

Тој вели дека многумина тогаш не верувале во ова ветување, сфаќајќи го, воглавно, како предизборен трик. Меѓутоа, веќе во ноември 2012 година, откако истекол првиот месец во кој Мемагиќ, инаку успешен бизнисмен и сопственик на компанија која вработува 1000 луѓе, бил на функцијата, тој покажал дека го исполнува ветувањето, пишува Ал Џазира.

Градоначалникот и дал на општинската служба за финансии налог да ја пренамени целата негова плата од 2500 конвертибилни марки (околу 1270 евра) во стипендии за ученици и студенти. Платата на Мемагиќ и денеска, кога влегува во четвртата година како е на позицијата, оди за оваа намена.

„Јас рано останав без татко, со само 14 години, а зад мене беа двете помлади сестри и братот, така што, во некоја рака, како најстарото машко во семејството, во тоа време станав и родител. Рано почнав да се грижам за нив и отсекогаш сакав некој да ни помогне да се школуваме. Поради недостиг од финансии, а не поради недостиг од желба и волја, ни самиот не успеав да го довршам школувањето кое го сакав. Денеска, кога имам своја компанија, кога сум во состојба да обезбедам плати за 950 вработени, немам потреба да земам плата за функцијата градоначалник, ниту што било друго што другите политичари го земаат“, вели Мемагиќ.

Тој ја пренасочува во стипендии не само платата, туку и сите останати примања – надоместот за топол оброк, дневницита за патувањата, регресот за годишен одмор… сите пари кои ги добива одат во хуманитарни цели.

„Не прашувам кои се тие деца кои ги добиваат стипендиите, како се викаат, од кое село се… важно ми е само да се школуваат. Единствено што барам од нив е и тие некогаш некому да помогнат. Ништо повеќе не ми треба“, раскажува Мемагиќ.

Секоја година, градоначалникот распишува конкурс, во кој приоритет имаат учениците и студентите кои се школуваат за дефицитарни занимања во локалната заедница, а првенство имаат и најдобрите ученици или студенти. Досега, Џемал Мемагиќ за стипендии дал околу 75000 евра.

Целата приказна и интервјуто со градоначалникот прочитајте ги на веб-страницата на Ал Џазира.